Во посета на СОУ „К.П. Мисирков“ |
|
|
Вести
|
ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ВО ПОСЕТА НА УЧИЛИШТАТА
Речиси полни шест часа, градоначалникот на општината Демир Хисар Тони Ангелевски беше во работна посета на учениците, наставниците и вработените во средното општинско училиште „Крсте Петков Мисирков“.
- Училиштето не памети досега да го посетил било кој градоначалник со програма да го запознаат учениците, да ги слушне нивните размислувања, директно и непосредно да разговара со професорите и другите вработени за постигнувањата, проблемите и идните проекти на училиштето, рече покрај другото, директорот Кире Ристевски при заедничката посета на часовите на матурантите.
Заблагодарувајќи се на вонредно срдечниот и добро организиран прием, градоначалникот Ангелевски на демирхисарските матуранти им говореше за неговите програмски преокупации во делот на образованието и го најави востановувањето на општинската награда „Ученик на генерацијата“. Тој исто така ја промовира и идејата за организирање рекреативен час по пливање за матурантите во затворен базен во Битола или Скопје што ќе биде под негово покровителство.
Најголемото и најпријатно изненадување за учениците и наставниците беше наставниот час по предметот Геодезија во шумарската струка на тема „Нивелир и теодолит“ под менторство на одговорниот наставник, а како дел од годишниот план и програма. Во дворот на училиштето градоначалникот кој по струка е дипломиран геодетски инжењер, одржа и практична настава за начинот на користење на овие мерни и инструменти.
Огромен интерес предизвика средбата на градоначалникот со наставниците, членовите на училишниот одбор и советот на родители. Во преполнетата сала за наставници, говореше директорот на училиштето Ристевски кој јавно се заблагодари за огромната поддршка на локалната самоуправа и личниот ангажман на градоначалникот, особено во постапката околу имплементирањето на проектот „Фискултурна сала“. Во своето обраќање градоначалникот Ангелевски рече дека е задоволен од постигнувањата на училиштето, особено во делот на наставно -образовниот процес, инвестирањето во набавка на нагледни средства, инфраструктурните зафати и сл. Со одушевување беше примена веста што ја промовира градоначалникот околу продолжување на изградбата на фискултурната сала. Како што рече, во програмата на владата за капитални инвестиции во образованието за 2011 – 2012 година, предвидено е да биде изградена фискултурната сала чија што изградба ја следеа неизвесности повеќе од 15 години. На крајот од средбата, градоначалникот Ангелевски на училиштето му додели лична донација „НИВЕЛИР“ како нагледно средство за шумарската струка за кој, како што рече, иако го врзуваат многу спомени, го донира на огромно задоволство.
Во церемонијалниот дел од средбата, беше потпишан и Меморандум за соработка во еколошки и други заеднички проекти.
Во рамките на проектот „Градоначалникот во твоето училиште“, на 11 – ти април, градоначалникот ќе го посети ООУ „Браќа Миладиновци“ во с. Жван.
 
|