ЧЕСТВУВАЊА-ИЛИНДЕН ВО СМИЛЕВО 2016 PDF Печати
Вести
Ilinden_vo_Smilevo-1

02.08.2016

ДА ЖИВЕЕ СМИЛЕВО – ГОРДОСТА НА МАКЕДОНСКАТА ИДЕЈА!

Со оваа силна порака започнаа годинашните бројни свечености што по повод големиот национален празник Илинден, се одржаа на 1. и 2. август во славно Смилево.

Во целосна организација и под покровителство на Општина Демир Хисар, свеченостите започнаа на 1. кога на смилевското сретсело се одржа голема општонародна веселба во којашто се вклучија и играорците на КУД „Илинден“ од Демир Хисар.

Централната Илинденска прослава се одржа на 2. август, а започна со церемонијално дигање на државното и општинското знаме на новопоставените јарболи кај спомен костурницата на Даме Груев на смилевското сретсело.

Како што беше најавено, по извршеното целосно реновирање и преуредување на гробовите на четворица македонски комити, војводи и гробот на непознатиот курир на Даме Груев од страна на Општината Демир Хисар, а што се наоѓаат во дворот на црквата свети Ѓорѓија, се одржа пригодно чествување. Градоначалникот Љупчо Блажевски и потомци на погубените комити положија цвеќе, а се одржа мал историски час на кој што беше прочитан реферат за историското дело на Велјан Илиев Чипуровски- Пенчо, Иван Бадев и Ѓорѓија Павлев Чурановски. Инаку ова чествување, досега е прво и единствено и наиде на општо одобрување и одушевување на Смилевци и потомците на погребаните комити.
Свеченостите продолжија на месноста Умалиште, во спомен паркот „Даме Груев“ и покрај неговиот монумент.

На народниот собир на кој што присуствуваа неколку стотици посетители од Демир Хисар, Битола и други градови и населени места од регионот, говореше градоначалникот на Општина Демир Хисар, Љупчо Блажевски:

- Дека сме потврдени и заколнати следбеници на делата на нашите претци, на историјата, на традициите, и дека постојано и во рамките на нашите скромни и ограничени општински финансиски можности, правиме сè, Смилево да го добие местото што повеќе од еден век го заслужува да го добие на историската карта на Македонија и на Европа, доволно сведочат и сите овие настани што во континуитет од неколку години ги организираме во Смилево.
Ilinden_vo_Smilevo-2Смилево е симболот на македонската идеја, непокор и бунтовност и на смелата визија за Македонија.
Смилево е гордоста на македонската идеја! – рече покрај другото градоначалникот Љупчо Блажевски во говорот на народниот собир на Умалиште.

Пред присутните говореше и историчарот Ристо Груевски, претседател на Здружението за заштита на ликот и делото на Даме Груев кој првпат јавно презентира нови историски факти за револуционерниот пат на Даме Груев, за неговите соборци и за историските околности во кои се одвивале или случувале настани досега непознати за пошироката јавност.

Големиот народен собир заврши со свечен пречек на учесниците на Смилевскиот Илинденски марш во кој што учествуваа над 70 резервни воени офицери и планинари од Демир Хисар, Прилеп и Битола, како и богата уметничка програма во изведба на фолклорната група на пензионерите од Демир Хисар и КУД „Илинден“.

На крајот на свеченоста, за сите присутни на собирот, градоначалникот Блажевски приреди традиционален востанички ручек.

Ilinden_vo_Smilevo-3

Ilinden_vo_Smilevo-4

Ilinden_vo_Smilevo-5


 

Пријави проблем

Анкета

Банер
Банер