КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО PDF Печати
Вести
Senzacionalno_otkritie-1

09.12.2016


СЕНЗАЦИОНАЛНО ОТКРИТИЕ: Скапоцени монети пронајдени кај Демир Хисар


Посебно внимание предизвикуваат откриените антички монети на македонските кралеви Александар III Македонски, Касандар, Антигон Гонат, Филип V и Персеј

Планираното археолошко истражување на древниот антички македонски град Брианиј, на локалитетот Градиште - Граишка Чука, над селото Граиште - Општина Демир Хисар, е во тек и покажува интересни резултати.

Истражувањата се вршат во рамките на владиниот капитален проект „Античкото Кралство Македонија“, а се реализира преку Управата за заштита на културното наследство, Филозофскиот факултет - Скопје и Институтот за историја на уметност и археологија. Поддршка за проектот, како и обезбедување оброци и престој за истражувачите на локалитетот, даде Општината Демир Хисар.

Senzacionalno_otkritie-2Археолошкиот локалитет, кој претставува низок доминантен рид над селото Граиште, околу кој врти реката Еригон (Црна Река), во средиштето на Демирхисарскиот Регион, се истражувал и претходно, но не толку темелно и посветено. Годинава, под раководство на проф. д-р Антонио Јакимовски, активно се работи на локалитетот.

На ридот уште во архајскиот период (7-7 век пред н.е.) била оформена населба, која со оглед на прастариот пат покрај реката бргу прераснала во град. На врвот од ридот бил акрополот - горниот град, додека околу него по падините биле оформувани терасите што го чинеле долниот град, на вкупна површина од 12 хектари.

При археолошките истражувања се откриени вкупно 101 монета, од кои една е сребрена, а другите се бронзени, потоа 25 оловни зрна - проектили за праќа од средниот македонски период, два врва од стрели од железо, четири бронзени прстени, два оловни тега и еден средновековен бронзен крст од типот енколпион.

Посебно внимание предизвикуваат откриените антички монети на македонските кралеви Александар III Македонски, Касандар, Антигон Гонат, Филип V и Персеј.Директорот на Управата за заштита на културно наследство, проф.д-р Виктор Лилчиќ-Адамс, вели дека во текот на изминатите децении се уверил во високите цивилизациски вредности на Градиштето кај Граиште во Демирхисарско. Археолошкиот локалитет бил истражуван многу малку, инцидентно, при што беа собрани елементарни информации за неговите културни хоризонти.

Senzacionalno_otkritie-3- Токму поради тоа, многу сум задоволен што оваа 2016 година конечно и решително ги започнавме првите археолошки истражувања од пошироки размери во древниот град Брианиј/Добрун, кои ја изнесоа на виделина оваа скапоцена колекција од 100 антички и средновековни монети, помеѓу кои посебно се радувам на монетите на македонските кралеви, кои го надополнуваат огромниот фонд на илјадниците монети на македонските кралеви откриен на целата територија на Република Македонија, и секако недвосмислено и кристално чисто го посведочуваат исконското право на името на нашата Република Македонија - изјави Лилчиќ-Адамс при посетата на локалитетот.Раководителот на истражувањето „Античко Кралство Македонија, проф.д-р Јакимовски, вели дека овој проект е започнат во 2005 година, а оваа година посветиле големо внимание на документацијата на движните археолошки наоди, како и на истражувањето на повеќе локалитети во Р. Македонија.

- Моментално акцентот е ставен на Демирхисарскиот Регион, поточно на археолошките локалитети Граишка Чука и Бучин. Пронајдени се голем број наоди, од кои најмногубројни се монетите, над 100 досега, а најголемиот број припаѓаат на македонските кралеви - вели тој.

Градот Брианиј/Добрун претставува културно-цивилизациски фаворит на Општината Демир Хисар, а секако и на Република Македонија, што може веднаш да се користи во рамките на културно–археолошко–туристичкиот развој на Општината Демир Хисар.

Senzacionalno_otkritie-4Извонредната централна местоположба, непосредната близина со главниот град Демир Хисар, извонредно богатите културни хоризонти во градот со недвижни и движни археолошки остатоци овозможуваат за мошне брзо и догледно време да се организира секојдневна посета на туристички групи на локалитетот, но и оформување на респектабилна музејска збирка во рамките на Домот на културата на Демир Хисар, која во догледно време или со време може да прерасне во Музеј на Демир Хисар, каде што можат да се изложат многубројните археолошки наоди и од останатите дваесетина помали градови и тврдини во целиот Демирхисарски Регион (Градиште, Обедник; Кале, Зашле; Градиште, Жван; Градиште, Сопотница; Кула, Бабино; Винов Град Завртон, Слоештица; Градиште, Боиште; Градиште, Железнец; Градиште Големо Илино; Градиште, Постралец; Кале, Црско и другите).
Градоначалникот на Општина Демир Хисар, Љупчо Блажевски, вели дека како дел од подолгорочни визии, програмски определби и лична заложба, Општината Демир Хисар во соработка со Управата за заштита на спомениците на културата, го иницирала договорот да се изврши теренско истражување на древниот антички македонски град Брианиј, што се наоѓа на археолошкиот локалитет Граишка Чука, на околу два километри североисточно од Демир Хисар.

- Договорено е целиот движен археолошки материјал што ќе биде пронајден да остане во наследство на Општината, а перспективно да обезбедиме соодветен простор за отворање на респектабилна локална музејска поставка. Истражувањата што се реализираат со методот на рекогносцирање обезбедуваат многу научни сознанија за ова древно историско македонско место, што претставува најсилен досега познат ресурс на Демир Хисар со древен цивилизациски контекст, што поседува извонредни потенцијали, дури и да се наполнат витрините на еден општински музеј што во иднина можеме да го планираме. Сметам дека се работи за значаен почеток на археолошките истражувања на Демирхисарско, регион што е преполн со огромен број археолошки локалитети, од кои најимпресивни се древните градови и тврдини. Започнатите активности имаат цел и да ја подигнат јавната свест за заштита и зачувување на движното и недвижното културно наследство на Општината Демир Хисар, а секако и да го иницираат развојот на нашата Општина Демир Хисар и преку културата, археологијата и туризмот - вели Блажевски.

 

Пријави проблем

Анкета

Банер
Банер