КУЛТУРА PDF Печати
Вести
mkd-304209

 

23.01.2015

Министерството за култура ги објави резултатите од Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес

ЗА ДЕМИР ХИСАР СЕ ОДОБРЕНИ 9 ПРОЕКТИ

Министерството за култура деновиве ги објави проектите поддржани на годишниот конкурс по одделни области и активности од културата за 2017 година.

На предлог на специјална комисија и надворешни соработници на Министерството, министерката за култура одлучи, оваа година, во Општина Демир Хисар финансиски да бидат поддржани дури седум проекти во областа на заштитата на недвижното, движното и нематеријалното културно наследство.

Подносители на поддржаните проекти се три субјекти: Општина Демир Хисар, Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Битола и Здружението Библиотека АЛ - БИ од с. Бабино.

Општина Демир Хисар на годинашниот јавен конкурс што беше објавен во септември минатата година,  конкурураше со проектот „Демирхисарска летна школа – популаризација и презентација на културното наследство – историја – археологија – архитектура – уметност“. Станува збор за проект чијшто основни фундаменти се поставени на две основи: едукативната, од една страна и, популаризацијата и презентацијата, од друга страна. Во првата фаза, интересот ќе биде фокусиран на времето на илинденската епоха, со посебен акцент на настаните поврзани со одржувањето на Смилевскиот конгрес, како и животниот, односно револуционерниот пат и дело на Дамјан Груев.

Средиште на едукативната настава ќе бидат селото Смилево, спомен – куќата „Даме Груев“  и спомен - музејот „Смилево“. Во реализацијата на целиот 7 дневен проект ќе бидат вклучени експерти од Филозофскиот и Архитектонскиот факултет, како и Управата за заштита на културното наследство при Министерството за култура и Центарот за истражување на културното наследство при МАНУ. Школата ќе ја посетуваат студенти, постдипломци и докторанти на Архитектонскиот факултет и  катедрите за историја, историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет, како и деветтоодделенци и средношколци од Демир Хисар и соседните општини. Проектираната вредност изнесува 560 илјади денари, од коишто 390 илјади се очекува да ги обезбеди Министерството за култура, а остатокот Општина Демир Хисар.

Со средства од државниот буџет ќе се финансираат и останатите 6  проекти.

Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Битола ќе ги спроведе проектите за Осовременување на Меморијалниот музеј во Смилево, како и трите многу значајни истражувачко – конзерваторски проекти:  Истражувачки работи и изготвување на конзерваторски проект за ѕидно сликарство, иконостас и црковен мобилијар во Св. Јован Претеча, с.Слепче, Демир Хисар, Конзервација на архитектурата и ѕидното сликарство на црквата Св. Никола Топлички, Демир Хисар (14-16 век) и Конзервација на ѕидното сликарство во црквата Св. Димитриј, с. Жван, Демир Хисар (1624 год.).

Приватната библиотека „АЛ – БИ“ од Бабино ќе добие финансиска поддршка за набавка на озвучувачка и видео опрема за етнособата и за одбележување на светскиот ден на книгата и авторското право.

Министерството за култура финансиски ќе поддржи уште два проекти на локалната установа Дом на култура „Илинден“ и тоа, по еден од областа на драмскиот аматеризам и фолклорна и сценско – уметничка дејност: аматерска драмска претстава „Сомнително лице“ и фолклорната манифестација „Велигденски фолклорни средби“.

Инаку Министерството за култура последниве години поддржува и други проекти со коишто Општина Демир Хисар аплицира во рамките на манифестацијата „Топол културен бран“.

 

Пријави проблем

Анкета

Банер
Банер