НАУКА - ДЕМИРХИСАРСКА ЛЕТНА ШКОЛА 2017 PDF Печати
Вести
Georgiev

ИЗВЕШТАЈ ЗА РАБОТАТА НА ГРУПАТА ИСТОРИЈА ПРИ ДЕМИРХИСАРСКАТА ЛЕТНА ШКОЛА 2017

 

Групата ја сочинуваа пет студенти од Институтот за историја при Филозофскиот факултет при УКИМ. И тоа: Зорица Тимчева; Стефани Гиевска; Ивана Хаџиева; Марија Кировска и Димитар Тодоровски. Од нив во Демир Хисар не допатува Марија Кировска поради здравствени причини кои се појавија непосредно пред заминувањето од Скопје. Од друга во активностите на групата учествуваше Христијан Цветковски, постдипломец на Институтот за национална историја, инаку поранешен наш студент.

7.07. 2017, петок, Слепче. Групата пристигна во 10.00 часот директно во манастирот Св. Јован Претеча кај селото Слепче, каде по регистрацијата, присуствуваше на сите протоколарни свечености по повод патронот на манастирот и отворањето на Демирхисарската летна школа 2017. Во доцните попладневни часови групата се врати во Демир Хисар и се смести во мотелот „Чичко Таљо“. Вечерта, раководителот на групата одржа координативен состанок за претстојните активности.

8.07. 2017, сабота. Смилево. Кон групата се придружи Христијан Цветковски и неколку членови од граѓанското здружение за заштита на ликот и делото на Дамјан Груев, меѓу кои и претседателот на здружението г-н Ристо Грујовски. Во Смилево беа посетени:  гробот на Дамјан Груев, црквата во Смилево, гробовите на паднатите војводи, меморијалниот музеј на Смилевскиот конгрес и споменикот на Дамјан Груев. Во просториите на меморијалниот музеј беа обработени следниве теми: Смилевски конгрес 1903; Смилево за време на Илинденското востание; Местото и значењето на Дамјан Груев во македонското револуционерно движење, при што беше прочитан и драмскиот текст за Смилевскиот конгрес од проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев. На крај следеше дискусија и споделување на впечатоците од теренските активности. Групата се врати во Демир Хисар околу 17 часот, по што следеше уредување на материјалите за страницата на Демирхисарската летна школа и координативен состанок за активностите за следниот ден.

9. 07.2017, недела, Крушево. Тема за обработка: Од мит до заборав. Наш домаќин беше м-р Зоран Богевски, директор на завод и музеј Крушево, извонреден познавач на локалната историја од Илинденскиот период. Беа посетени: Мечкин Камен, Слива, музејскиот комплекс Македониум кој е во фаза на реновирање, гробот на легендарниот војвода Питу Гули, како и други спомен обележја. Предвидените теми за битката на Мечкин Камен и кај Слива, беа обработени на лице место, при што студентите имаа извонредна и ретка можност да го согледаат значењето и влијанието на топографските карактеристики во Илинденските борби, како и предноста на наставата на терен, наспроти кабинетското студирање. Студентите беа импресионирани од овој тип на работа на терен. На крај следеше долготрајна и богата дискусија во врска со Крушевската република. Околу 17 часот, откако му се заблагодаривме на нашиот домаќин, групата се врати во Демир Хисар, исполнувајќи ги веќе вообичаените активности (уредување на страницата, подготовка за следниот ден).

10.07. 2017, понеделни, Демир Хисар, ДСУ - Крсте Петков Мисирков. Наш домаќин директорот на училиштето, случајно, или не, по вокација – историчар, кон групата повторно се придружи постдипломецот Христијан Цветковски. Теми за обработка: Демирхисарскиот регион за време на Илинденското востание; Јордан Пиперката; Пораките на Илинденците до младите од ерата на Постмодерната и Глобализацијата. Покрај тоа беше во училиштето беше проследен документарниот филм за Јордан Пиперката, регионален херој од Илинденската епоха. По презентациите и анализата следеше богата дискусија, која особено беше предизвикана од последната тема. Во дебата значаен придонес даде и директорот на улиштето Ќире Ристевски, кому му искажуваме искрена благодарност за гостопримството. По завршувањето на дебата заедно го разгледавме училиштето. Попладне групата, најпрво го посети селото Брезово и Велмевци и се поклони пред гробот на легендарниот војвода Јордан Пиперката. Посетата на овие села, меѓу другото (историското значење), на студентите им даде можност на лице место да ги согледаат современите тенденциите во руралните македонски средини. Должно сме да нагласиме дека при посетата на овие села бевме придружувани од двајца наставници по историја од Демир Хисар (едниот од ОУ – Гоце Делчев, другиот од ДСУ К. П. Мисирков).

11. 07.2017, вторник, Демир Хисар, средба со градоначалникот г-н Љупчо Блажевски, при што беа споделени впечатоците и импресиите од работата на групата за историја при првата летна Демирхисарска школа. Откако констатиравме дека нашата програма е наполно исполнета си замивме со исклучително позитивни впечатоци, притоа заблагодарувајќи му се на градоначалникот за поканата и укажаното гостопримство, срдечност и непосредност.

Заклучни зборови:

Групата за историја не само што 100% ја оствари зацртана програма, туку непланирано, под импресии и инспирација од теренот, стори повеќе од планираното. Активностите на групата има интерактивен,  инклузивен и интердисциплинарен пристап. За тоа голем придонес дадоа студентите, кои  беа внимателно одбрани и претходно подготвени со соодветни извори и литература, и конкретни задолженија. Покрај позитивните импресии што ги понесоа со себе, студентите едновремено, материјалите кои ги објавуваа на официјалната страница на Демирхисарската летна школа, истовремено ги споделуваа на страницата Историја, во која покрај сегашните студенти и поранешни студенти, партиципираат сите посдипломци и докторанти, како и голем број наставници по историја во земјава. На споменатава страница се води богата дискусија во не само за историјата, туку и за актуелните случувања. Оттука активностите на групата за историја за време на Демирхисарската летна школа, практично беа споделени со сите помлади историчари од земјава.

Низ оваа позитивно искуство, ние не само што ги проширивме нашите знаења, туку стекнавме и нови пријатели, а општина Демир Хисар и Демирхисарската летна школа ги сметаме за наши трајни пријатели.

Сосема на крај, нашите впечатоци, и доживување на минатото во сегашноста, од еден студент ќе бидат преточени во есеј во форма на репортажа и доживување, кој ќе му биде доставен на Организаторот за објавување. 

Со почит,

Проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев    

 

Пријави проблем

Анкета

Банер
Банер
Банер