НАУКА - ДЕМИРХИСАРСКА ЛЕТНА ШКОЛА 2017 PDF Печати
Вести
Kasapova

„ДЕМИРХИСАРСКА ЛЕТНА ШКОЛА 2017#

(популаризација и презентација на културното наследство)

ИЗВЕШТАЈ ЗА РАБОТАТА НА ГРУПАТА АРХИТЕКТУРА

На првата Демирхисарска летна школа, на покана од организаторот учество зема Архитектонскиот факултет при УКИМ, Скопје со раководителот-предавач: проф. д-р Елизабета Касапова и учесниците: д-р Ана Ивановска Дескова, доцент; м-р Мартин Симјановски, соработник; студентите од III, IV и V година - Андреј Дојчиновски, Марија Трајковиќ, Елена Сотировска, Љубен Трајановски, Сашо Андријевски и Виктор Стојчески. Работилницата на научната група АРХИТЕКТУРА беше со наслов: „Документирање и истражување на архитектурата на манастирот Св. Јован Претеча – Слепче“.

Манастирот Св. Јован Претеча – Слепче еден од најзначајните во демирхисарскиот крај, но и во Македонија, во својата структура содржи објекти од различни периоди. Меѓу најстарите спаѓаат објектот наречен магерница, потоа двете влезни порти во комплексот и манастирската црква. Историјата на овие значајни објекти во манастирот не е целосно или воопшто позната заради што се роди идејата, во рамките на Демирхисарската летна школа, тие да бидат предмет на документирање и истражување од страна на компетентните наставници од Архитектонскиот факултет во Скопје чија специјалност се предметите од Историјата на архитектурата и уметноста и Заштитата на градителското наследство. Своето знаење и искуство низ практичната работа им беше пренесено на помладите колеги и студенти од Архитектонскиот факултет кои земаа учество во оваа работилница.

Во рамките на архитектонската работилница, според предвиденото, беше извршено архитектонско-техничко снимање (документирање) на објектот познат како магерница заедно со јужната влезна порта во комплексот со која чини една целина. Архитектонско-техничкото снимање на објектите главно се одвиваше со класичниот метод на теренско документирање. За таа цел, првиот работен ден беше извршено обележување на хоризонталната нивелета на објектите со помош на вагрес. Во наредните три работни денови се работеше на исцртување на сите потребни ортогонални проекции на објектот – основи, пресеци и фасади, а потоа на мерење на истите со помош на прирачни сретства за таа намена – метра, пантлики, ласерски метра и сл. Во документирањето на објектите, како и на комплексот во целина, вториот работен ден беше извршено и фотограметриско снимање со помош на дрон. Ова снимање беше извршено од стручното лице м-р Филип Касаповски, геодетски инжењер, асистент на Градежниот факултет при УКИМ, Скопје. Покрај ова, за објектот беше изработена и комплетна фотодокументација.

            Снимениот материјал од магерницата и јужната влезна порта паралелно  се обработуваше во дигитална форма (AUTOCAD) со помош на персоналните компјутери на учесниците. Со оглед дека објектот магерница беше покомплексен од првичните согледувања, исцртувањето и мерењето на истиот траеше подолго, а со тоа и дигиталната обработка се пролонгираше. На составувањето на цртежите се работеше до крајот на петтиот работен ден кога на завршната манифестација беше презентирана целокупната работа на групата АРХИТЕКТУРА. Дигиталната обработка на материјалите ќе продолжи и во понатамошниот период се до добивање на целосна релевантна документација која ќе помогне во расветлувањето на историјата на архитектурата на конкретниот објект како и на манастирскиот комплекс во целина. Освен на објектот магерница, групата работеше и на манастирската црква со тоа што беше извршена ревизија на постоечката документација изработена од Националниот конзерваторски центар во 1979 год.

            Во рамките на петте работни дена научната група АРХИТЕКТУРА го даде својот максимум и ги заврши предвидените активности. Но, работата на комплетирањето на документацијата, како и истражувачките работи допрва ќе следат. Проучувањето на објектот магерница не е исцрпено со оваа петдневна работа и таа секако треба да продолжи и понатаму. Освен тоа, во манастирскиот комплекс има и други објекти кои треба да бидат предмет на идни истражувачки активности. Заради тоа сугерираме Демирхисарската летна школа да стане традиција која со ангажирањето на знаењето на компетентните стручни и научни лица и ентузијазмот на помладите колеги и студенти ќе даде голем придонес во проучувањето, популаризацијата и презентацијата на културното наследство во демирхисарскиот крај.

Скопје,                                                                       проф. д-р Елизабета Касапова

26.07.2017

 

Пријави проблем

Анкета

Банер
Банер
Банер