НАУКА - ДЕМИРХИСАРСКА ЛЕТНА ШКОЛА 2017 PDF Печати
Вести
Nedeski

Извештај за активностите на Теолошката секција на првата Демирхисарска летна школа

Асс. м-р Виктор Недески

На првата Демирхисарска летна школа, помеѓу другите секции беше организирана и Теолошка секција под раководство на асс. м-р Виктор Недески од Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“. Теолошката група беше составена од петмина учесници: Петар Петковски (теолог-постдипломец); Стефан Цветановски (теолог), Јордан Петрески (студент-апсолвент), Дејан Блажески (студент-апсолвент) и Андреј Иваноски (студент), кои беа сместени во манастирскиот комплекс „Свети Јован Претеча“ во Слепче.

Работните активности на Теолошката група започнаа на 08 јули (сабота) со Утринска богослужба во чест на свети Ѓеоргиј Кратовски. По богослужбата раководителот на групата ја одржа првата работна сесија на тема „Светоста во Православната Црква“. На предавањето се разви добра дискусија за денешното разбирање на поимот светост. Потоа проф. д-р Сашо Цветковски ја запозна групата со општата средновековна историја на Демирхисарскиот регион. Дел од групата своето попладневно слободно време го искористи за прошетка до параклисот посветен на светиот Јован Богослов, кој се наоѓа блиску до манастирот. Таму групата се задржа околу еден час, при што беше извршено детално фотографско документирање на храмот. Во попладневните часови беше отслужена Воскресна вечерна богослужба. На вечерната работна сесија, асс. м-р Виктор Недески продолжи со наредното предавање на тема: „Агиолошките извори“.

Наредниот ден – 09 јули (недела) пред почетокот на Литургијата, игуменот на манастирот, Неговото преподобие, јеромонахот Серафим ја запозна Теолошката група со големината на служењето на свештеникот за време на Литургијата. По отслужената Божествена литургија, започна предавањето на проф. д-р Сашо Цветковски, кој ја запозна групата со фрескоживописот на манастирскиот храм „Свети Јован Претеча“. Во оваа прилика во посета на работните групи по теологија и архитектура, кои своите активности ги извршуваа во манастирскиот комплекс, дојде градоначалникот на општина Демир Хисар, г. Љупчо Блажевски, кој од страна на предавачите беше запознаен со активностите на групите. По предавањето групата се упати до параклисот „Свети Јован Богослов“, каде проф. д-р Сашо Цветковски одржа уште едно предавање, поврзано со прекрасниот зачуван фрескоживопис и со историјата на параклисот. Во попладневните часови заедничко предавање н КОЕ ПРИСУСТВУВАШЕ И Теолошката група одржа раководителот на Археолошката група, проф. д-р Виктор Лилчиќ – Адамс, на следните теми: 1 – Демир Хисар – Деврип во антиката и средниот век; 2 – Регионот на Скопје во VI век, со посебен осврт за Јустинијана Прима и 3 – Аларм за Тесалоника (Солун) или Јустинијановиот оптички телеграф од Дунав до Тесалоника, сегментот низ територијата на Р. Македонија.

Утредента, на 10 јули (понеделник), во третиот ден од престојот во манастирот, Теолошката група ги следеше предавањата на асс. м-р Виктор Недески, кој најнапред говореше за „Мачеништвото во Православната Црква“, а потоа и за „Светителите од Охридската архиепископија“. Во попладневните часови, вечерната сесија започна со предавањето на историчарот Христијан Цветковски (магистрант по историја), кој говореше на тема: „Демир Хисар и Демирхисарската област низ призмата на историските извори од XIII до XV век“. На покана на Раководниот одбор на Летната школа, Неговото Високопреосвештенство митрополитот Преспанско – пелагониски и Администратор Австралиско – новозеландски г. Петар одржа предавање на тема „Светоста на бракот“. Во склоп на оваа сесија, апсолвентот Јордан Петрески, проговори за „Современиот вонбрачен сексуален однос, манифестиран низ призмата на порнографијата“, а потоа теологот Стефан Цветановски говореше на тема: „Феноменот дественост“.

На екскурзијата која се реализираше наредниот ден, на 11 јули (вторник) Теолошката група ги посети манастирите: „Свети Никола Топлички“ и „Свети Атанасиј Александриски – Журче“. Проф. д-р Сашо Цветковски ја презентираше историската и уметничката вредност на овие два значајни манастири во Демирхисарскиот крај. Во попладневните часови, во манастирот „Свети Јован Претеча“ во Слепче, проф. д-р Сашо Цветковски одржа предавање за вредните уметнички дела од Слепченскиот манастир, а координаторот на групата асс. м-р Виктор Недески одржа предавање на тема „Новомачеништвото во Православната Црква“.

Следниот ден, на 12 јули (среда), по повод празникот на светите апостоли Петар и Павле – Петровден во Слепченскиот манастир беше отслужена божествена литургија. По литургијата, раководителот на секцијата ги запозна присутните со уште неколку значајни хагиолошки извори, по што теологот Петар Петковски (магистрант по теологија) одржа свое предавање на тема „Почитувањето на светите мошти и реликвии во Православната Црква“. Со тоа предавање беше затворен хагиолошкиот циклус од предавањата. Попладнето групата го посети храмот „Свети Никола“ во селото Слепче, каде што подетално се запознаа со архитектонските и уметничките особености на овој храм, како и со старопечатените книги сочувани во него.

            Во последниот ден (13 јули, четврток) од првата Демирхиската летна школа, Теолошката група ја проследи последната сесија предавања. Најпрво координаторот на групата асс. м-р Виктор Недески одржа предавање на тема „Половоста во источната и западната богословска традиција“, а потоа игуменот на Слепченскиот манастир, јеромонахот Серафим исто така одржа предавање на тема „Предизвиците на свештеникот во современото општество“. Со тоа успешно беше реализирана програмата на Теолошката група на оваа прва Демирхисарска летна школа.

            Придобивките од Теолошката секција се во тоа што учесниците имаа можност детално да се запозннат со современите предизвици на Агиологијата како наука за светителите и светоста. Учесниците беа обучени да ги откриваат и препознаваат индикаторите на светоста и да ги проверуваат врз основа на критериумите за светост поставени од вековното искуство на Православното богословие. Во оваа насока започнаа и извесни почетни истражувања поврзани со ликот и делото на одредени историски личности и духовници, тесно поврзани со Слепченскиот манастир и Демирхисарскиот крај, кои во иднина претстои да бидат промовирани. Не помалку значајна беше и втората цел на Теолошката секција, а тоа беше отворање на прашањето за половоста во современото општество и негово разгледување низ призмата на вековното светоотечко искуство сочувано во богословската литература. Деталната анализа на овие богословски текстови доведе до формирање на јасна слика за светоотечките погледи кон оваа секогаш современа проблематика. За крај, присуството на теолозите во Слепченскиот манастир и нивното еднонеделно активно учество во живиот манастирски поредок овозможи нивно непосредно запознавање со главните принципи на монашкиот живот и подвиг, што за нив несомнено е уште едно одлично искуство.

 

Пријави проблем

Анкета

Банер
Банер