НАУКА - ДЕМИРХИСАРСКА ЛЕТНА ШКОЛА 2017 PDF Печати
Вести
lilcic

ИЗВЕШТАЈ ЗА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ПРОГРАМАТА НА СЕКЦИЈАТА АРХЕОЛОГИЈА

            Согласно преходно водените разговори со Господин проф. д-р Сашо Цветковски, Господин Љупчо Блажевски градоначалник на општината Демир Хисар, господин Благоја Шундовски раководител на протоколот и деловните комуникации на општината Демир Хисар, и последователниот Договорот бр. 05-462/1 (08. 06. 2017) за учеството на Летната школа склучен на ден 08. 06. 2017 година помеѓу Општината Демир Хисар (градоначалник Љупчо Блажевски) и проф д-р Виктор Лилчиќ Адамс, активно учествував и ја водев реализацијата на програмата на работата на археолошката секција во рамките на Првата Демирхисарска летна школа 2017 година во периодот од нејзиното отворање на ден 07. 07. До затворањето на ден 14. 07. 2017 година.

Активни учесници во активностите на археолошката секција беа следните лица:

1. Александар Илиевски, студент постдипломски студии археологија

2. Јовица Илиев, студент постдипломски студии археологија

3. Влатко  Димевски, студент постдипломски студии археологија

4. Петар  Ристовски, студент постдипломски студии археологија

5. Горан Лилчиќ, дипл. археолог, специјалист нумизматичар (кој поради здравствени проблеми се врати во Скопје на третиот ден)

6. Игор Ширтовски, археолог теренски специјалист за полеогенеза

7. Стојан Стојков фотограф

Резиме на активностите

Теренски практикум

Предложената пограма за теренскиот практикум, со незначителни модификации беше во целост реализирана за шестте работни дена, од 08. – 13. Јули 2017 година.

Работната група посети и активно работеше на следните антички и средновековни градови и тврдини:

08. јули археолошки локалитет Градиште Железнец

09. јули археолошки локалитет Кула Бабино

10. јули археолошки локалитет Кале, Обедник

11. јули археолошки локалитет Кале, Зашле

12. јули археолошки локалитети:

1) Градиште, Железнец (ревизионен премер на градското обѕидие и предградието)

            2) археолошки локалитет Граишка Чука, Граиште (Брианиј)

13. јули археолошки локалитети:

1) археолошки локалитет Градиште, Железнец (ревизионен премер на акрополата)

2) археолошки локалитет Граишка Чука, Граиште (Брианиј)

                        Резиме на активностите на археолошкиот практикум

            Во пространата територија на општината Демир Хисар извира и тече најгорниот тек на Црна Река (античкиот Еригон) со реките Боишка и Слоештичка река, Горна Река, Мала Река, Река Жаба, Обедничица и помалите притоки кои што претставувале природни патни комуникации од најстарите времиња до денес. Регионот е богат со железна и други руди, што заедно со патиштата предизвикало оформување на градови и утврдувања уште во раната антика со континуитет низ антиката и средниот век до денес. Овие цивилизациски локалитети во изминатите педесетина години беа предмет на истражувањата на археолозите: Елица Манева, Аница Ѓорѓиевска, Горица Наумова Гагиќ, Иван Микулчиќ, Виктор Лилчиќ Адамс. Тие го рекогносцирале регионот, а последните двајца ги снимиле хоризонталните планиметрии на сите познати локалитети. Во рамките на теренскиот практикум беа извршени следните истражувачки активности:

- површинско рекогносцирање со заштитен карактер на старите градови Сидерокастрон (Железнец), Брианиј (Граиште) на утврдувањата кај селата Бабино, Зашле, Обедник. Притоа беа откриени голем број движни археолошки артефакти како бронзени и сребрени монети, накит (прстени, белегзии, фибули, мали крстови приврзоци од олово, бронза, средновековни јазичести и срцевидни декоративни апликации за облека), оружје (стрелици, оловни проектили за праќа), предмети од секојдневната употреба како ексагии, алатки (напрсток, игла, секири, рала, тегови, ѕвонци, ренде од бронзена ламина и друго), делови од т.н. пити или сечени парчиња сурово полуобработено железо и друго. Внимание привлекуваат монетите на античките кралеви на Македонија (Касандар, Деметриј I Полиоркет, Антигон Гонат). Потоа масивните вешто изработени железни секири и чекани. Сребрениот денар на Венеција. Јазичестите и срцевидните бронзени посребрени апликации од зрелиот византиски 10-11 век. Со откривањето на овие предмети значително се зголемува познатиот културнен трезор на Демир Хисарскиот крај. Сите предметите се депонирани на Филозофскиот факултет согласно Дозволата за истражувањата на Проектот Античкото кралство Македонија за 2017 година каде ќе бидат стручно обработени.

- Теренски премер на новооткриената источна тераса на Кула Бабино. Во текот на истражувањето на Кула Бабино, беше за прв пат откриена и снимена долга источна станбена тераса.

- Откриен е антички рудник, површински галериски коп на железна руда во југоисточната падина на Кула Бабино, кој што поради недостиг на време не беше истражен и снимен.

- Ревизионен теренски премер на хоризонталната планиметрија на античкиот и средновековен град Сидерокастрон на Градиште, Железнец. Посебно вимание обративме на фасцинантниот Сидерокастрон на Градиште над село Железнец, со дури три работни посети. Притоа се работеше активно на елиминација на дивата вегетација долж одбранбениот периметрален ѕид на северната и на југоисточната страна како и на малата акрополка. Потоа мошне ефектно се изврши премер на хоризонталната планиметрија на градот, акрополата и западното предградие.

Кабинетско – едукативен сегмент

Во рамките на попладневните предавања беа реализирани следните  теми:

- Осврт на Демирхисарскиот регион во минатото (ppt. present).

- Квази-археологијата во Република Македонија (осврт, дискусија).

            (Цоцев Камен, Кокино, Пирамиди, „Геоглиф“ и гробовите на Творецот на Универзумот, Богот на сонцето Ѕе, Големата божица Мајка, Карпеста уметност, Троја, Гробот на Александар, Ѓаволскиот ѕид, Каменот од Розета.

- Дали е Ѓорче Петров првиот македонски археолог? (ppt. present).

-  Виа Егнатиа (ppt. present).

-  Јустинијан и Скопско (ppt. present).

-  Историјат на процесот на снимањето на старите градови и тврдини и процесот геореференцирање планиметрии, осврт, дискусија.

- Реконструкција на Маршот на Александар 335 г.пред н.е. (ppt. present).

-  Дијагонален пат Хераклеја – Стоби – Пауталиа (ppt. present).

- Убикација на градот Пелагониа (ppt. present).

-  Вардарскиот пат  (ppt. present).

-  Аларм за Тесалоника (ppt. present).

-  Што се регионални а што капитални проекти во археологијата ( капитален локалитет на Демир Хисар, осврт и дискусија.

- Археологија на Р.М. состојби (ppt. present).

-  Проект Дигитален археолошки катастар на Република Македонија, историјат,  развој,

-  Демир Капија во минатото (ppt. present).

-   Потрагата по градот Линк (ppt. present).

-   Старите градови и тврдини во регионот на Кавадарци (ppt. present).

-   Западна Македонија во минатото (ppt. present).

Воедно беа прикажувани и дискутирани секојдневните теренски истражувачки активности, ситуациии и наоди.

Презентациите – предавањата беа отворени за јавноста при што бележиме дека освен активните учесници во реализацијата на археолошката секција, определен интерес покажаа и гражаните на Демир Хисар, кои паралелно уествуваа во продолжителните дискусии.

            Резиме на активностите на кабинетско-едукативниот сегмент и заклучок

            Во рамките на попладневниот едукативен дел, учесниците во археолошката секција на Демирхисарската летна школа имаа можност визуелно да ги проследат основните и круцијални теми и проблеми поврзани со археологијата на Демир Хисар и Република Македонија.

            Секојдневните теренски и кабинетски активности на археолошката секција беа прикажани на секојдневна основа воглавно на фејсбук страницата Demirhisarska Letna Skola од каде беа следени од приближно 1000 луѓе.

            Со отворените пред јавноста активности на археолошката секција во рамките на Демирхисарската летна школа 2017 година, се извршени значителни позитивни влијанија како во општината Демир Хисар така и во Република Македонија во поглед на афирмацијата на археолошкото културно наследство на Демирхисарскиот крај. Притоа се надевам дека токму овој прв пример на активирање на археолошката наука во рамките на летната Демирхисарска школа ќе претставува поттик и за останатите македонски општини да започнат со организирање на летни школи во кои, како што покажува примерот од Демир Хисар, археологијата покрај историјата, историјата на уметноста, архиткетурата и теологијат, може да даде голем придонес во насоката на културниот развој на општините.

                                                                        Проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс

                                                                        Ред. Проф. Универзитет Св. Кирил и Методиј Скопје

 

Пријави проблем

Анкета

Банер
Банер
Банер