ИН МЕМОРИАМ: НАЌЕ СТОЈАНОВСКИ (7. април, 1950 - 14. мај, 2021) Печати
Вести

15.05.2021

.

Обраќање на градоначалникот Стојановски по повод смртта на поранешниот пратеник од Демир Хисар, Наќе Стојановски, во повеќепартискиот македонски парламент, на Комеморативната седница која се одржа во големата сала во Домот на културата „Илинден“, Демир Хисар.

.

komemorativna-sednica-po-povod-smrtta-na-nake-stojanovski


.

Денеска се одржа Комеморативна седница во Домот на културата „Илинден“, а по повод смртта на нашиот сограѓанин, Наќе Стојановски - поранешен пратеник во Собранието на Р. Македонија во периодот од 1991 до 2002 година и општествено-политички работник.

.

Градоначалникот Стојановски, имаше свое обраќање на кое изрази длабоко сочувство до неговата фамилија и неговите најблиски и го истакна неговиот круцијален придонес за историските процеси низ кои поминуваше државата, како и во градењето на самостојна македонска држава.
- Почитувано семејство на г-дин Наќе Стојановски, роднини, драги пријатели и наши сограѓани. Денес е тажен ден за Демир Хисар, заради преголемата и ненадоместлива загуба на човекот кој остави неизбришливи траги, не само во Демир Хисар, туку и во историјата на нашата држава.
Со неговиот општествено-политички работен ангажман како пратеник во Собранието на Р. Македонија, во три мандати од периодот 1991 до 2002 година, но и како активен во создавањето на Македонската држава, во македонската историја и како активен член во повеќе комисии, меѓу кои и, Уставотворната комисија, комисија која го изготви највисокиот правен акт во државата-Уставот, има огромен придонес и големи заслуги во современата македонска историја, но и како еден од „сто и дваесетте величествени“ кои ја втемелија македонската држава.
Бил именуван и назначен на други јавни општествени функции во нашата општина. Работниот пат го води до началник во Одделението за стопанство, а своевремено и станува директор на ЈКП „Комуналец“, Демир Хисар. На сите овие работни позиции и места доаѓа до израз неговата работоспособност, истрајност и смисла за праведност.
Од исклучително важно значење низ неговата професионална работна кариера е тоа што, најголемите реформски процеси ги има направено како директор во Централниот регистер на Р. Македонија од 2004 до 2006 година, всушност, кога е ѝ воведен едношалтерскиот систем.
Често пати ќе го видевме на телевизиските екрани кога се емитуваа во живо седниците од Законодавниот дом, односно Собранието, како води полемики и со своите сопартијци. Секогаш храбар, достоинствен и бунтовен, како што и самиот знаеше да каже дека доаѓа од „непокорните брсјаци“.
Вашето семејство треба да е гордо на Вас, како што е горд и Демир Хисар на Вас и на Вашето постоење.
Нека почива во мир и нека му се вечна славата и благодарноста!, истакна Стојановски.
.
komemorativna-sednica-po-povod-smrtta-na-nake-stojanovski-1
.
Со оглед на актуелната ситуација која сѐ уште е во „ек“, а предизвикана од здравствената криза на корона вирусот, многу голем број негови роднини, пријатели, познаници и поранешни негови сопартици и колеги од првиот плуралистички парламентарен состав, му оддаваат почит и се збогуваат со него и на социјалните мрежи.
Наќе Стојановски беше дипломиран правник и имаше врвно и високо познавање од областа на правото, а со неговиот интегритет, умешност и вештина, за својата работа има добиено многу награди и признанија, а од кои најзначајна е наградата врачена од страна на Светска банка во 2007 година.
.
komemorativna-sednica-po-povod-smrtta-na-nake-stojanovski-2
.
Од името на општинската администрација и во името на сите вработени во Локалната самоуправа, изразуваме сочувство до фамилијата и неговите блиски роднини.
Ликот и делото на Наќе вечно ќе останат во наше сеќавање, а неговиот огромен придонес во развојот на локалната заедница, со неговата бескрајна енергија и максимално силна посветеност, по воведувањето на политичкиот плурализам во државата, е од суштинско значење за сите нас како граѓани на Демир Хисар.
.
Беше вистински пријател со сите што го познаваа!
Нека почива во мир и нека му е вечна слава!