Денес, во работниот кабинет на градоначалникот, се одржа состанок, а по однос на дефинирање на активностите поврзани со симулација – показна вежба во воспитно-образовните институции на територијата на Општина Демир Хисар.
На состанокот присуствуваа претставници од: ТППЕ – Демир Хисар, ОО на ЦК Демир Хисар, ОВР – Демир Хисар, Центарот за управување со кризи во Демир Хисар, директори на училишта, општинскиот штаб и други.
Целта на состанок беше утврдување на сценарио за изведување, а според кое ќе се одвива показната вежба, како и подетално запознавање со содржината на сценариото. Активноста за симулација на настаната состојба при земјотрес, ќе се реализира на ден 19.10.2022 (среда), со почеток во 10 ч. во просториите на СОУ „Крсте Петков Мисирков“.
Градоначалникот Најдовски ја поздрави иницијативата за спроведување на оваа едукативна показна вежба, со којашто, всушност, учениците и вработените во училиштата ќе ги усовршат знаењата преку практикување на методи за успешно справување во време на елементарна непогода.
– Преку оваа вежба ќе се изврши, меѓу друго и, проверка на функционалноста на планот за заштита и спасување на СОУ „Крсте Петков Мисирков“, Демир Хисар во делот на евакуација на повредени и загрозени лица во објектот во училиштето, но и од суштинско значење е подготовката за спроведување, односно координацијата при мобилизација од страна на сите државни органи кои се одговорни за безбедност и заштита при вакви ситуации од општа опасност, истакна Најдовски.