Search
Close this search box.

ОПШТИНА ДЕМИР ХИСАР

Култура и културно наследство

Културно – историското наследство во општината Демир Хисар е недоволно истражено, а позначајните споменици во него се недоволно заштитени.

Според временската класификација најзастапени се спомениците од средновековниот и турскиот период. На подрачјето на општината постојат вкупно 62 цркви и манастири од кои по својата старост, сочуваност, начин на градба, живопис и местоположба се издвојуваат 7 објекти кои се заштитени со Законот како трајни белези за еден народ и едно време.

Тие се: манастирот „Свети Јован Претеча“ (XIV век), црквите „Св. Јован Богослов“ и „Свети Никола“ во  Слепче (XIV век), манастирот  „Свети Атанасие Александриски“ (XVII век) кај с. Журче, црквата „Свети Атанасие“ во селото Слоештица, манастирот „Свети Никола“ (Топлички) кај селото Слоештица (XIV век), црквата „Света Петка“ во селото Жван (XIV век), латинска црква „Свети Димитрие“ во селото Жван (XVII век), црквата „Влашки гробишта“ (во урнатини) во село Обедник и др.

Иако е недоволно археолошки испитано, на подрачјето на општината постојат индикации од материјалната култура уште од предисторискиот период па до денес.

Најголем дел од археолошките локалитети потекнуваат од античкиот период (особено архијскиот) и средновековниот (особено Византискиот) период. На локалитетите постојат делови од населби, тврдини, некрополи, фрагментарна керамика и сл. Најмаркантни се локалитетите во село Граиште, Жван, Железнец, Зашле и Обедник.

Поновите споменички обележувања на значајни историски места од Илинденскиот период и периодот од НОБ се: гробот и споменикот на Даме Груев, Меморијалниот музеј „Смилевски конгрес“ и на учесниците во Илинденското востание во селото Смилево; споменик на Јордан Пиперката во близина на село Жван, гробница на 15 востаници од Илинденското востание во село Слепче, спомен обележување од периодот на НОБ во селата Жван и Бабино кои укажуваат на вековните борби на македонскиот човек за одржување на својот интегритет и самобитност. Тие заедно со останатите споменици на културата и историјата се од посебен придонес како за културната историја на народот кој живее на оваа територија, така и за идниот развој на општината од аспект на туризмот.

Skip to content