ОПШТИНА ДЕМИР ХИСАР

ОДБЕЛЕЖАН ПАТРОНИОТ ПРАЗНИК НА ООУ „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“, ДЕМИР ХИСАР

По повод 120 годишнината од смртта на визионерот, апостолот на македонската борба за ослободување и независност, учител, идеолог и македонски револуционер, Гоце Делчев, општинска делегација предводена од градоначалникот Никола Најдовски и делегација предводена од ООУ „Гоце Делчев“, денес, положија цвеќе и се поклонија пред споменикот на Гоце Делчев во дворот на училиштето, а каде што традиционално и свечено се одбележа и патрониот празник на најголемо општинско основно училиште.

Централната церемонија, организирана со богат културно – уметнички перформанс, изработен од страна на наставниците и учениците, се одржа во големата сала при Домот на културата, а директорката на ООУ „Гоце Делчев“, Валентина Димоска, во своето поздравно и воведно обраќање им го честиташе патрониот празник на сите наставници и ученици и, воедно, упати голема благодарност до градоначалникот Најдовски што, со неговото присуство ги удостои да биде дел од овој голем значаен ден за нивното училиште.

Димоска, срдечно им се заблагодари и на сите наставници и ученици за нивниот вложен труд, што се вклучија во организирањето и учествуваат во активностите по повод патрониот празник.

Градоначалникот Најдовски им го честита патрониот празник на учениците и сите вработени во ООУ „Гоце Делчев“ ѝ им посака уште многу успеси, поголеми и позначајни резултати во спроведувањето на најблагодарната мисија на човештвото – воспитание и образование.

– Морам да признам и да кажам дека, во овој релативно краток период од мојот мандат од година и пол, дадовме значителен придонес во подобрување на инфраструктурата во образованието, сè со цел да создадаме поквалитетни и посовремени услови за работа, а, меѓу другот, се трудиме максимално да преовладува позитивна клима и атмосфера во овој колектив, а јас како искрен поддржувач и, практично, како ваш искрен соработник, ќе продолжам и понатаму да работам на полето во обезбедувањето поволни инвестиции за развој на образованието преку креирање на сериозни проекции, согласно нашите директни законски надлежности, истакна градоначалникот Најдовски.

Најдовски, своето пригодно обраќање го заврши со цитат од нашиот македонски деец, апостолот на македонската борба за ослободување и независност, Гоце Делчев, чии дела за зачувување на македонскиот идентитет треба да ги негуваме, чуваме и доследно да ги застапуваме и да ги браниме, како на домашна, така и на меѓународна сцена, затоа што Гоце е Македонија, а во кој се вели: „Македонија има свои интереси и своја политика. Тие им припаѓаат на сите Македонци. Оној што сака да работи на присоединување на Македонија кон Бугарија, Грција или Србија, тој може да се смета за добар Бугарин, Грк или Србин, но не и за добар Македонец”.

– Нека нè води оваа мисла, да го чуваме и негуваме делото на нашиот Гоце, да ја чуваме нашата Македонија, рече, меѓу другото, Најдовски.

Skip to content