Во организација на Локалниот економско-социјален совет при Општина Демир Хисар, а со поддршка на МКЦ Битола и Шведскиот институт „Олоф Палме“, пред претставници на Министерството за надворешни работи – Сектор за економска дипломатија и Агенцијата за странски инвестиции на Македонија, денес беше реализирана промоција на инвестиционите, извозните и туристичките капацитети на Демир Хисар.
Меѓу другото, Општината, извозно ориентираните компании и претставници на секторот манастирски туризам, ги презентираа капацитетите и можностите со коишто располага нашата општина во секторите инвестиции, извоз и манастирски туризам.
Градоначалникот Никола Најдовски, исто така, нагласи дека, и понатаму локалната самоуправа несебично ќе ги поддржува сите програмски активности кои се составен дел од ЛЕСС и беспрекорно ќе ги помага сите иницијативи кои се во интерес за општествен добробит.
Договорени се следниве заклучоци кои ќе се реализираат во 2024 год:
1. Реализација на посета на Општина Демир Хисар од страна на претставници на дипломатскиот кор во Македонија, со цел директна презентација на нашите капацитети;
2. Реализација на контакти со странски туроператори со цел организација на еднодневни посети на странски туристи на манастири во Демир Хисар со акцент на презентација на научно – истражувачката дејност;
3. Поддршка на извозно ориентираните компании од Демир Хисар преку бесплатна регистрација на платформа за промоција на нивните производи;
4. Поддршка на извозно ориентираните компании од Демир Хисар преку бесплатна промоција на нивните производи на меѓународни саеми во странство.