ОПШТИНА ДЕМИР ХИСАР

ПЕТТАТА ТРАДИЦИОНАЛНА ДЕМИРХИСАРСКА ЛЕТНА ШКОЛА ОТВОРЕНА ЌЕ БИДЕ ЗА ИВАНДЕН

Градоначалникот на Општина Демир Хисар, Никола Најдовски, беше домаќин на првата службена средба со дел од членовите на Научно – организациониот одбор на Демирхисарската летна школа.

Научниот рааководител на Школата, проф. д-р Сашо Цветковски, дописен член на МАНУ и научен советник во Центарот за истражување на културното наследство при МАНУ и членовите на Одборот отец Серафим, игумен на манастирот „Св. Јован Претеча“ и Благоја Шундовски, администратор на целиот проект, го информираа градоначалникот Најдовски за текот на последните оперативно – технички и финансиски подготовки.

Годинашната, 5та по ред Демирхисарска летна школа повторно се враќа под покровителство на Општина Демир Хисар и ќе се одржи од 7ми до 12ти јули. Свеченото отворање традиционално ќе биде организирано во манастирот „Св. Јован Претеча“ Слепче, на 7ми јули, на големиот православен празник, раѓањето на свети Јован Претеча – Иванден.

Демирхисарската летна школа концепциски претставува едукативно-научна и културна манифестација која во себе обединува пет работни секции, археологија, историја, архитектура, историја на уметност и теологија. Активностите на школата се насочени кон истражување, проучување, промовирање и афирмирање на културно-историските традиции и вредности на Демирхисарско преку работа со 20-25 студенти, додипломци и пост-дипломци од универзитетите „Св. Кирил и Методиј“, Скопје и „Гоце Делчев“ од Штип, но и студенти од странство.

Организаторите, Општина Демир Хисар и манастир Слепче заедно со Истражувачкиот центар за културно наследство на МАНУ подготвуваат посебна програма во знак на јубилејот. Предвидените активности опфаќаат ретроспективна изложба на која ќе се презентираат резултатите и постигнувањата од активностите на Школата со застапеност на сите работни секции низ 30 паноа, постери и банери, оригинални артефакти, дигитални копии на средновековни ракописи и значајни историски документи, како и две публикации во чест на јубилејот.

Годинава првпат како посебна тематска цел на интерес, во рамките на историската секција ќе биде вклучен и локалитетот на црквата Св. Петка во с. Света каде што се наоѓа гробот на илинденецот Ѓорѓи Ралев Скршениот и гробовите на револуционери од ова населено место.

Школата финансиски е поддржана од Општина Демир Хисар, Манастирот „Св. Јован Крстител“ Слепче и Министерството за култура.

Skip to content