Search
Close this search box.

ОПШТИНА ДЕМИР ХИСАР

СВЕЧЕНО ОТВОРЕНА 7та ДЕМИРХИСАРСКА ЛЕТНА ШКОЛА 2024

По завршувањето на светата архиерејска литургија, а по повод големиот православен празник Рождество на чесниот славен Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован-Иванден, во конаците на манастирот Св. Јован Претеча Слепче, денеска со пригодна свеченост беше одбележан почетокот на 7та Демирхисарска летна школа.

На свеченоста присуствуваа игуменот отец Серафим, свештеникот Тони Смутковски, сестринството на манастирот, градоначалникот Никола Најдовски и дел од членовите на Советот на општината и раководители на општински јавни установи и претпријатија, Научниот раководител проф. д-р Сашо Цветковски, универзитетските професори проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, проф. д-р Викор Лилчиќ, проф. д-р Виктор Недески и проф. д-р Тони Филипоски, студендите-учесници и други гости – пријатели и соработници на манастирот.

– Концепцијата на Школата не ја менуваме. Низ изминативе 6 години, Школата ги покажа и докажа своите високи вредности. Концепцијата се потврдуваше на многу начини, така што оваа 7ма година настапуваме со познатите секции: историја, археологија, историја на уметност и теологија. – рече во своето поздравно обраќање Научниот раководител проф. д-р Сашо Цветковски.

Во името на граѓаните на Општина Демир Хисар со пригодно обраќање, учесниците на Школата и останатите присутни на свеченоста ги поздрави градоначалникот Никола Најдовски.

– На овој убав ден Иванден, сакам да ви посакам топло и срдечно добредојде во манастирот Св. Јован Претеча, односно во Општина Демир Хисар, на 7та Демирхисарска летна школа. Многу се радувам што на Школата учествуваат голем број ентузијасти, пред сè универзитетски професори и студенти кои преку Школата ќе придонесат и за поширока афирмација на манастирот и општината и нејзиното непроценливо културно наследство – рече градоначалникот Најдовски.

На крајот од церемонијалниот дел на свеченото отворање, во својство на домаќин и соорганизатор на Школата, говореше и игуменот отец Серафим.

– Ова е прилика да се оддаде благодарност и признание на сите градоначалници што изминативе 7 години, во рамките на своите можности, наоѓаа сила и разбирање бидејќи за вакви настани најмногу од сè треба да се има разбирање-што значи школа, што значи едукација, што значи тука да дојдат еминентни предавачи, истражувачи и нивните најдобри студенти – рече во своето обраќање игуменот отец Серафим.

Работниот дел од Школата започнува утре, 9-ти јули со таканаречена Научноистражувачка работилница во движење. Професорите и студентите организирано ќе ги посетат Зашле, Брезово, Железнец и Велмевци.

Skip to content