ОПШТИНА ДЕМИР ХИСАР

Природни туристички ресурси

Блатен даб

Блатен даб (Quercus robur syn. Quercus pedunculiflora)                

Блатниот даб претставува вистинска природна реткост и според димензиите, староста, зачуваноста се вбројува во едно од четирите вакви стебла на територијата на државата. Неговата височина изнесува 22 метри и е едно од ретките поедничени дабови дрва кои се во овие димензии развиено и зачувано. Се наоѓа на раскрсницата од селата Слоештица и Мренога во Општина Демир Хисар.

Змејова дупка

Змејова дупка или Змејо дупка – пештера во Бабино

Над селото Бабино, кај Павлов рид се наоѓа пештерата змејова дупка или пак змејо дупка на демирхисарски.

За оваа пештера се раскажува следнава легенда:

Пред многу векови кај црквичето св. Атанасиј во Доленци, на неговата летна слава, се развило големо оро.

На орото се фатила најубавата девојка, која била од фамилијата Дамјановци од селото Доленци. Таа го повела орото и во еден миг ја подигнал змејот, ја дигнал кон небесните височини. Вечерта змејот ја внел во својот дом, змејовата дупка.

Змејот преку дење спиел, ноќе излегувал и крадел, а влезот го затварал со голем камен. Тој многу ја сакал убавицата од Доленци. Но мајката на девојката не се откажувала од својата ќерка. Многу плачела и жалела и секоја вечер одела до влезот на пештерата да разговара со ќерка си. Една ноќ ја замолила ќерка си да го праша змејот од што се плаши и од што може да умре?

Вечерта кога се вратил змејот, таа љубезно го прашала од што се плаши во животот? Тој со силно смеење гласно одговорил дека од ништо не се плаши.

Љубовната игра продолжила. Занесен, змејот и ја открил најголемата тајна дека може да умре само од солена вода.

По неколку дена мајката на девојката и однела сол. Изморениот змеј вечерта побарал вода. Убавицата му дала солена вода. Змејот, кога почувствувал дека е надмудрен и ја губи силата, ја проколнал девојката која веднаш се скаменила. Змејот ја прегрнал и до неа останал скаменет. И денес тие се скаменети во прегратка внатре во пештерата.

Железнец со изворите на Црна Река

Селото е познато по изворите на Црна Река, а воедно од 2004 година претставува заштитен споменик на културата, поради препознатливата архитектура присутна во селото.Се наоѓа во северозападниот дел на Општина Демир Хисар, сместено во непосредна близина на изворот на Црна Река.

Во атарот на самото село се наоѓаат изворите на Црна Река. Најголемиот извор е врелото Црна Дупка што се наоѓа над селото Железнец, додека во месноста Горно Маало има уште два извори, иако со помала издашност, никогаш не пресушиле.

Железнец е сместено во клисура на самиот регионален пат Битола-Кичево.

Околни села: Големо Илино од запад, Велмевци од север, Брезово од исток, Доленци од југоисток и Мало Илино и Бабино од југозапад и југ.

Наоѓалиштето Железник е сместено високо над селото. Потекнува од античкиот период, а во историските извори се јавува под три имиња: Градиште, Сидеро Кастрон и Железник. Во римскиот период овој град бил забележан како Сидеро Кастрон, а во средновековието како Железник, под кои име постоел сè до XIV век, кога бил „избришан“ од географската карта. Денешните остатоци од градот го исцртуваат главниот дел, во елипсоидна форма, со димензии север-југ околу 300 м. и исток-запад 55-70 м. Градот бил природно заштитен од јужниот и југозападниот дел со стрмните падини високи над 8 м. Бедемот од источната страна сè уште може да се следи во целина. Влезната капија сè уште се забележува. На север, каде се соединуваат источниот и западниот бедем се наоѓаат остатоци од заштитната кула. На тврдината се забележуваат и остатоци од црква, бунар и камена рачна мелница.

Валавици

Валавиците се една од најпрепознатливите атракции на селата Вирово и Слоештица, кои се наоѓаат лево од регионалниот пат Битола-Кичево.Направени се на најстрмните места на тековите на планинските реки. Се правеле дрвени корита длабоки најмалку 4 метри, од каде што водата со сета своја сила се насочувала во валавиците за да се создаде воден вител. Самите валавици се изработени од букови греди долги најмалку 2 метра, пречникот на врвот е околу 2 метри, а на дното 20 цм. Во средината на минатиот век постоеле над 80 валавици за фина доработка на ткаените волнени шајаци и јамболии. Денес, неколкуте активни валавици во Вирово служат само за перење волнени производи и ќебиња.

Валањето се правело за ресата од ткаената јамболија  да се развласи и да се стегне. Мештаните откако ќе ја истрижеле волната ја переле, ја пределе на фурка, танко за основа и подебело за нишките. Ја ставле на разбој, а претходно требало  да се „сној“, сите конци да се дотераат под ред, да се наместат на разбојот. Во ткаењето влакното на јамболијата се засукувало, и лабаво се ткаело, зошто со разбојот не можел да го стегне предивото. Откако сето ова ќе се направело после јамболијата се носела на валавици или по демирхисарски „валајци“. Едно веленце се валало 24 часа, значи едно деноноќие водата ја „тепала“ јамболијата.Водата што тече од буката ја подземала јамболијата и ја вртела.Тоа е всушност валањето, вртењето. Во една валавица се ставале по два до три дифтици, ако тие биле големи, сошиени, тогаш се отшивале, се ваделе полите, се валале и пак се зашивале, со цел валањето да биде поефикасно.Потоа се сушеле, одамна тоа се правело и врз дрва,„драгој“ ги ставале. Како последна постапка се носеле на бојадисување

Валавиците во село Слоештица

 Во Слоештица во 19 век, по текот на Бела Река биле поставени валавици и воденици, од најгорниот дел викан Бавчите, па се до под црквата. Кон средината на 20 век, полека се напуштале и сега е останата единствено воденицата на едно семејство до пред петнаесеттина години. Во селото имало триесет валавици, или вирови за валање на јамболии.

Валавиците во село Вирово Се претпоставува дека валавиците во село Вирово датираат од времето кога првпат почнало да се ткае во овој крај, а тоа значи дека имаат многу долга традиција. Во селото до пред 30-40 години работеле околу 80 валавици, кои биле познати и на пошироките балкански простори, а населението од работата живеело доста богато. Денес кога селата во земјава се испразнија, нивниот број се сведе само на три и тоа една за валање шајак, која веќе не работи, и двете други валавици, кои денес служат за перење ќебиња, јамболлии…, но не и за валање волнени производи, бидејќи никој повеќе не ткае и не произведува вакви изработки. За потребите на валавиците отсекогаш се користела водата од планината Бигла, на која потоа се правеле дрвени корита со височина од најмалку 4 метри, од каде што таа со сета сила се насочувала кон валавицата каде што се создавал воден вител. Како и порано така и денес валавиците се изработуваат од букови штици долги најмалку 2 метра на врвот зашилени, да можат да се забијат во земјата и на тоа место остануваат барем 5 години или додека не изгнијат.

Релјефни атрактивности

Според податоците евидентирани и опишани во делот Природно географски карактеристики во областа Демир Хисар, како најзначајни објекти од релјефната структура се издвојуваат:

  • маркантните планини и планински врвови кои ја тангираат областа Демир Хисар, како што се:

Планинскиот масив Илинска Планина и Бигла со врвовите Лиска (1908 m) и Штирни Камен (1864 m) на Илинска Планина; Сталев Камен (1998 m) и Вршник (1918 m) на Плакенска Планина; и Голем Камен (1656 m) на Бигла Планина,

  • Бушевата Планина со врвовите Стара Мусица (1789 m), Ѓолче (1780 m), Козјак (1764 m), Ручало (1664 m), Кркало (1602 m) и др..
    • Баба Сач со врвот Голем Сач (1698 m) и Лубен во централниот планин- ски дел. со врвот Кафчал (1764 m),
    • Древеник со врвовите Кале (1494 m) и Стара Бука (1451 m),
  • Флувијалниот релјеф претставен преку клисурестите долини на реките од кои најживописни се;
    • Клисурата кај с. Железнец со изворите на Црна Река;
    • Клисурата на Боишка Река,
    • Клисурата на реката Жаба,
    • Плавините на помалите притоки на Црна Река и
  • Карстниот релјеф (површински и подземни карстни форми)
    • Церско Поле, најголемо карстно поле во Р. С. Македонија, како изразена површинска релјефна форма,
    • Шкрапи и вртачи во Церско Поле, на Љубен и Суво Поле,
    • Пештерата Пешна се наоѓа на десната страна од Брезовска Река околу 4 km северо западно од с.Брезово,
    • Пештерата „Балтин“ кај с. Зашле
    • Пештерата „Еврејка„„ кај с.Доленци,
    • Пештерата „Змејова Дупка„„ кај с.Бабино;
    • Пештерата Буков Дол се наоѓа на 4 km источно од с.Цер,
    • Ристеа Пештера се наоѓа во близина на с.Железнец,
    • Сапотничка Пештера се наоѓа во близина на с.Сопотница во непосредна близина на изворите,
    • Цветкоа Пештера се наоѓа во близина на с.Доленци,
    • Пештерата Гољапеш се наоѓа во близина на с.Железнец,
    • Топлички пропаст, Златопропаст и други.

Хидрографски ресурси

Покарактеристични хидрографски објекти интересни од аспект на туризмот во во областа Демир Хисар се:

  • Изворите на Црна Река кај населеното место Железнец. Изворите се лоцирани непосредно покрај регионалниот пат Битола-Демир Хисар- Кичево, така што се лесно пристапни и претставуваат своевидна атракција (како пример за извор) дотолку повеќе што се извори на најголемата притока на реката Вардар.
  • Водите на самиот тек на Црна Река, кои во областа Демир Хисар (како чиста еколошка средина) се со висок квалитет (I и II класа) и можат да се користат како за одгледување така и за спортски риболовен туризам,
  • Вештачките акумулации Стругово, Суводол 1 и Суводол 2 за развој на риболовен туризам;

Водите на помалите речни текови кои се користат во валавичарскиот занает како раритет на државно ниво и други хидрографски атрактивности

Биогеографски ресурси

Според климатско-вегетациската класификација на Филиповски и др. (1996), во регионот на Демир Хисар се развиваат неколку климазонални шумски заедници: шуми на плоскач и даб (ass. Quercetum frainetto-cerris macedonicum Oberd. Emend. Ht), шумата на дабот горун (ass. Orno-Quercetum petraeae Em), подгорската букова шума (ass. Festuco heterophyllae-Fagetum Em), горската букова шума (Calamintho grandiflorae-Fagetum Em), субалпската букова шума (ass. Fagetum subalpinum scardo-pindicum (Ht. Treg.) Em, како и поголем број азонални заедници.

По течението на Црна Река и нејзините притоки се наоѓаат состоини со крајречни шуми, изградени главно од евла (Alnus glutinosa). По пониските планински падини се развива тревеста вегетација на брдски пасишта на варовничка и силикатна подлога, додека највисоките делови од Илинска, Плакенска и Бигла Планина се покриени со вегетација на високопланински пасишта.

Според Директивата за живеалишта на ЕУ, со поголемо конзерваторско значење се следните типови живеалишта: 4060 Алпски и бореални вриштини, 6170 Алпски и субалпски варовнички пасишта, 6210 Полуприродни суви пасишта и џбунови, фациес на варовничка подлога, 6430 Заедници на хидрофилни високи рабни зелјести растенија во низини и од претпланинскиот до алпскиот појас, 8140 Источномедитерански варовнички точила, 8210 Варовнички карпести падини со haзмофитска вегетација, *91Е0 Алувијални шуми со евла (Alnus glutinosa) и јасен (Fraxinus excelsior) и 91W0 Мезиски букови шуми. Од нив, живеалиштето на крајречни шуми со евла (91Е0) има статус на приоритетно живеалиште. Регионот е флористички исклучително богат, заради што одделни делови од регионот се приклучени кон две значајни растителни подрачја (ЗРП) – Илинска Планина и Баба Сач со Лубен. Од посебно значење овде се балканските ендемични таксони Sideritis scardica, Centaurea grbavacensis, Erodium guicciardii, Oxytropis purpurea и Geranium cinereum subsp. macedonicum var. liskensis. Растителното богатство е основа за поинтензивно собирање на шумски плодови – мов и лишаи, габи, различни видови чај (пред сè, засеклива трева, планински чај, крастечки чај), како и други видови плодови (глогинки, дренки, капини, малини, бобинки од смрека и друго).

Skip to content