ОПШТИНА ДЕМИР ХИСАР

Општина Демир Хисар ја најавува 9. Демирхисарска летна школа 2026

Општина Демир Хисар и оваа година продолжува со реализација на проектот „Демирхисарска летна школа“, кој во изминатите години се афирмираше како значајна платформа за научна, стручна и културна соработка во областа на културното наследство.

Во периодот од 7 до 12 јули 2026 година, ќе се одржи „9. Демирхисарска летна школа 2026“, со интердисциплинарна програма која ги опфаќа следните области: археологија, архитектура, историја, историја на уметност и теологија.

Преку научни предавања, теренски активности и стручни дискусии, Школата има за цел афирмација, проучување и современа презентација на богатото културно, историско и духовно наследство на Демир Хисар и поширокиот регион.

Особено значење за проектот има соработката со високообразовните и научните институции, како и учеството на еминентни професори, научни работници и стручни соработници од различни области. На тој начин, Школата го зајакнува својот препознатлив академски и интердисциплинарен карактер.

Со ова соопштение, Општина Демир Хисар официјално ја информира јавноста за реализацијата на деветтото издание на Школата, изразувајќи подготвеност за понатамошна соработка во насока на истражување, заштита и промоција на културното наследство.