– книгата, посветена на професорот Ванѓелко (Ване) Лозановски е обид да се истакне делото на професорот, кое континуирано го градеше во текот на својот живот, преку љубовта кон Македонија и Демир Хисар.
17.11.2026 година
Денес, во свечена атмосфера, во просториите на СОУ „Крсте П. Мисирков“, каде што целиот свој работен век го посвети тука едуцирајќи генерации – ученици како професор по македонски јазик и литература, беше промовирана книгата посветена на афирмацијата на ликот и делото на нашиот сограѓанин, професорот Ванѓелко (Ване) Лозановски – личност која со својата посветеност, знаење и творештво остави значаен белег во културниот, научниот и општествениот живот на Демир Хисар




















Настанот беше организиран од ЗГАКЕР „Валавица“ – Демир Хисар и Домот на културата „Илинден“ – Демир Хисар, а се чествуваше и во одбележувањето на денови на патрониот празник на СОУ „Крсте П. Мисирков“. Изработката и издавањето на книгата се реализираа со поддршка на градоначалникот на Општина Демир Хисар, Никола Најдовски, во рамките на проектот „НАШИОТ ПРОФЕСОР – ВАНЕ И НЕГОВИОТ ПРИДОНЕС ЗА РАЗВОЈ НА КУЛТУРАТА, НАУКАТА И РУРАЛНИОТ ТУРИЗАМ НА ОПШТИНА ДЕМИР ХИСАР“.
Во рамките на официјалната церемонија, на членовите на семејството на професорот им беше врачено постхумно признание за животно дело, како израз на почит кон неговиот исклучителен придонес и трајното наследство што го остави зад себе. Признанието го врачи проф. д-р Менде Солунчевски, иницијатор и промотор на ова дело, но и еден од најблиските соработници на професорот Ване.
Посебно признание му беше доделено и од страна на директорката на СОУ „Крсте П. Мисирков“, Јасмина Дамчевска, во знак на длабока почит и вечна благодарност за неговата професионална посветеност, човечките вредности и неизбришливиот белег што го остави во образовната средина и во срцата на генерациите ученици. Како професор и педагог, тој не пренесуваше само знаење, туку инспирираше млади луѓе да го следат неговиот пат, да веруваат во сопствените можности и да ги негуваат вистинските вредности.
Оваа книга не претставува само сведоштво за еден исполнет животен и професионален пат, туку и траен запис за делото на човек кој преку своето знаење, творештво и безрезервна љубов кон Македонија и Демир Хисар придонесуваше за афирмација и развој на средината во која живееше и твореше. Со нејзиното објавување, споменот за професорот Ване добива нова димензија – останува запишан, зачуван и пренесен на идните генерации.



