Search
Close this search box.

ОПШТИНА ДЕМИР ХИСАР

АРТ ПОИНТ – ГУМНО

Меѓународниот центар за уметност и одржлив развој АРТ ПОИНТ – ГУМНО од с.Слоештица ја слави уметноста и животот во подножјето на т.н „Модра Планина“ (Плакенска Планина) од 2003 година.

Jpeg

Тука се создава врвна уметност, но, мисијата е многу поголема. Низ годиниве преку бројни успешно реализирани проекти ова креативно гумно докажа како, преку уметноста може да оживеат селата, да се промовира традицијата, да се прошируваат видици, да се раѓаат вечни пријателства и да се градат мостови меѓу различните култури, а пред сè, да се создаваат културни амбасадори за Македонија.

          Како учесници на уметничките резиденции и колонии, на уметничкото гумно, заклучно со 2023 година, продефилирале над 80 врвни уметници од 4 континенти на светот. Тие, освен што создаваат дела инспирирани од магијата на модрата планина и сѐ што пулсира во и околу неа, волонтираат и во бројните проекти што центарот ги спроведува во соработка со локалната заедница, се запознаваат и со бесценетото културно и природно наследство на регионот.

Членовите на АРТ ПОИНТ – ГУМНО се особено горди на проектите за заштита на животната средина и биодиверзитетот. Нивна рожба беше и манифестацијата „СЛАВЕЊЕ НА ПИРЕЈОТ“ што во чест на бардот на македонската литература – Петре М. Андреевски и вековитоста на македонскиот народ, во соработка со парот Јелена и Владо Цветановски, ја организираа 11 години. Како локален партнер на Општина Демир Хисар, АРТ ПОИНТ – ГУМНО ја осмисли и реализираше поставката што во негова чест е изложена во реновираниот задружен дом во Слоештица.

            Центарот располага со уметничка галерија, единствена во поширокиот регион, каде што редовно се организираат изложби. Посетителите можат да видат уникатна колекција на уметнички дела на автори од целиот свет.            

На просторот, што се протега на површина од 3000м2, освен изложби, се организираат и поетски читања, концерти, театарски претстави, ревии, интерактивни работилници, кулинарски перформанси и многу други креативни настани.

Адреса: “АРТ ПОИНТ – ГУМНО”
село Слоештица
7244 Жван, Демир Хисар
Телефон: ++389 47 271 636, ++389 70 221 694 and ++389 71 334 799
E-mail: artpoint@t-home.mk
Web page: https://artpoint-gumno.org.mk/
Facebook: Art Point – Gumno

Skip to content