Центарот за економски анализи – ЦЕА и Општина Демир Хисар потпишуваат Меморандум за разбирање, со кој се воспоставува рамка за соработка во рамките на проектот „Зајакнување на интегритетот во климатските финансии: Транспарентни и отчетни климатски финансии за спречување на корупција“.
Проектот се спроведува со финансиска поддршка на Европската Унија, во рамките на ИПА 2021 – „ЕУ за владеење на правото“, преку програмата EuropeAid/183031/DD/ACT/MK. Неговата цел е да придонесе кон поголема транспарентност, отчетност и интегритет при планирањето и користењето на јавните средства поврзани со климатските промени и заштитата на животната средина. Проектот започна во декември 2025 година и е предвидено да трае до јуни 2028 година.
Со воспоставената соработка, Општина Демир Хисар ќе биде вклучена во активности насочени кон анализа на локалните практики во областа на климатското финансирање, зајакнување на капацитетите на општинската администрација, подобрување на транспарентноста на финансиските информации и создавање подобри можности за вклучување на граѓаните, граѓанските организации и локалниот бизнис сектор.
Во рамките на проектот се предвидени активности за климатско буџетирање, управување со ризици, транспарентност и антикорупциски практики, како и развој на практични алатки преку кои локалните власти и јавноста полесно ќе можат да ги следат средствата и активностите поврзани со климатските и еколошките политики.
Демир Хисар со највисоко ниво на вкупна информираност меѓу анализираните општини
Резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од ЦЕА во девет општини покажуваат дека Демир Хисар се издвојува со висока информираност и значителна подготвеност на граѓаните за активно учество и надзор.
Вкупната информираност на граѓаните за поимот климатско финансирање во Демир Хисар изнесува 73% – највисока вредност меѓу деветте општини опфатени со истражувањето. Дополнително, околу 28% од испитаниците даваат суштински точно спонтано објаснување на климатското финансирање, што исто така претставува највисок удел во примерокот.
Високо е и нивото на изложеност на информации: 75% од граѓаните се информираат за темата преку најмалку еден извор, при што во Демир Хисар особено значајна улога имаат локалните медиуми и непосредната комуникација меѓу граѓаните.
Интересен резултат е и оценката на граѓаните за механизмите на локална отчетност. 59% од испитаниците сметаат дека постои соодветна контрола и надзор врз трошењето на средствата, што е статистички значајно повисока вредност од резултатите во останатите анализирани општини. Истражувањето покажува и висока оценка за суштинското учество на граѓаните во локалното одлучувањe.
Преку соработката со ЦЕА, Општина Демир Хисар ќе има можност дополнително да ги надгради постојните позитивни практики, да ја подобри достапноста и разбирливоста на информациите за климатските и еколошките инвестиции и да создава дополнителни можности за активно учество на граѓаните и локалниот бизнис сектор.
Посебно значење ќе има претворањето на релативно високото ниво на информираност и интерес кај населението во конкретни механизми за учество, следење и јавен надзор, како и подобрување на комуникацијата со локалните компании за можностите што ги нудат зеленото и климатското финансирање.
Со потпишувањето на Меморандумот, ЦЕА и Општина Демир Хисар ја потврдуваат заедничката определба за поотворено, транспарентно и отчетно локално управување, поактивно учество на јавноста и поефикасно користење на средствата наменети за климатските и еколошките политики.
Проектот е финансиски поддржан од Европската Унија.




