ОПШТИНА ДЕМИР ХИСАР

Црква Свети Илија Лесково

Св. Илија — црква кај демирхисарското село Лесково. Му припаѓа на Крушевско-демирхисарското архијерејско намесништво во Преспанско-пелагониската епархија на МПЦ – ОА. Денес црквата е во урнатини, а обновената црква е сместена на друго место во атарот.

Стара црква
Старата Црква, која денес е во урнатини, е гробишен храм, сместен во Долната Маала на Лесково. Изградена е кон крајот на XIX век. Ова е еднокорабна градба со висок дрвен свод и полукружна апсида на исток. Ѕидаријата е од кршен камен, а отворите и венецот е од делкан бигор. Покривот е на две води со ќерамиди, а тој на апсидата е со камени плочки. Фасадите се фугирани. На северниот и јужниот ѕид одвнатре има пиластри кои продолжуваат како ребра на сводот. Внатрешноста е малтерисана, но без живопис. Иконостасот е од даски. На запад има трем со приземје и кат. На влезот стои икона од Пророк Илија.

Нова црква
Новата црква со истото се наоѓа во месноста Илиница, на 1,5 км источно над селото. Таа е еднокорабна, со малтерисана и варосана фасада. До неа има чешма и помошни објекти. Обновена е во 1980 г. врз темелите на средновековна црква со истото име, која веројатно била првата селска црква посветена на пророкот Илија.

Локација: Google Maps
Контакт телефон:Илија – 078 456 367
Никола – 078 456 375
Skip to content