Јордан Силјанов, наречен Јордан Пиперката (Козица, 23 јуни 1870 — Цер, 10 август 1903) бил македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на Македонската револуционерна организација.
На 10 август 1903 година, паднал во заседа на османлиската војска и откако бил ранет, не дозволил да биде жив фатен од непријателот и со последниот куршум си го одзел животот.
Вечното почивалиште на војводата Јордан Силјанов Пиперката се наоѓа во месноста Черешна, во селото Велмевци, Општина Демир Хисар. Селото се наоѓа на два километри лево од регионалниот пат Битола-Кичево, во Општина Демир Хисар.
Тој загинал во близина на село Цер а по негова желба бил погребан на ритчето во месноста Черешна над село Велмевци, од каде како на дланка можел да го гледа Суво Поле и Демирхисарско, региони и каде што најмногу бил активен. До неговиот гроб, се наоѓаат и вечните почивалишта на неговите соборци Кузман Тодороски и Милош Трајкоски од село Бабино, како и Ѓорѓи Бошкоски од село Црско.