Search
Close this search box.

ОПШТИНА ДЕМИР ХИСАР

Манастир Свети Петар и Павле

На воздушна линија од само околу еден километер од Смилево, или десетина километри неасфалтиран пат,  североисточно од селото, во смилевската корија, опкружен со столетна шума и во препознатлив песнопоен амбиент, се наоѓа манастирот “Свети Петар и Павле”.

Се претпоставува дека е стар повеќе од 150 години и се вбројува во нашите најпознати културно-историски споменици. Меѓутоа заради отсуството и негрижата,  старата манастирска црква подолго време била препуштена на забот на времето и од неа останале само руини.

Според сеќавањата на постарите смилевци, во манастирот,  целиот свој живот го поминал Егуменот Петре чија што предсмртна желба била, на ова место да се изгради нова манастирска црква. Со божја помош, уште во 80-те години од минатиот век, во манастирскиот комплекс, вредните смилевски неимари ја започнаа изградбата на конаците, како и возобновувањето на манастирската црква, со што е исполнета исконската желба на смилевци, но и аманетот на егуменот Петар.

Манастирот “Свети Петар” е составен дел од историското минато на Смилево, но и составен и неразделен дел од смилевското катадневие и роднокрајните смилевци кои останале во селото,  но и на оние кои поради разни причини го напуштиле и се преселиле во градовите или во други земји.

Манастирската црква е осветена во 2018 година.

Слава на манастирот е 12 јули (Петровден).

Конаците се модерно уредени и во нивни склоп има трпезарии, кујни и соби за спиење. Уредени се 17 простории за сместување со вкупно 37 поединечни лежаи.

https://www.facebook.com/profile.php?id=100064438699168

Контакт: Јордан Кромидаровски 070 237 061

Skip to content