– на 11.3.2025 година се одржа пригодна свеченост во организација на ОО Црвен крст, Демир Хисар
со поддршка на Општина Демир Хисар
По повод 80-годишнината од формирањето на Црвениот крст на РМ, во просториите на Домот на културата „Илинден“, а во рамки на активностите кои ги реализира ОО Црвен крст, Демир Хисар беше организирана пригодна манифестација под мотото „Ние гледаме луѓе”. Овие активности секогаш се потпираат на хуманитарните вредности и принципи и имаат за цел да ги апострофираат заложбите на организациите, но и да испратат една универзална порака дека од суштинско значење е улогата и придонесот на сите општествени чинители во градење на силни локални заедници, придружувани и поддржани од волонтерите кои несебично се грижат за луѓето на кои им е потребна помош.























На свечената церемонија присуствуваше и потпретседателката на Црвениот крст на Р.Македонија, д-р Лиљана Ристевска која, во своето обраќање изрази голема благодарност до градоначалникот Никола Најдовски што како локална самоуправа беспрекорно ги поддржуваат сите иницијативи и програмски активности на Црвениот крст Демир Хисар. Воедно, во знак на успешна и значајна соработка потпретседателката му врачи признание за посебен придонес во остварувањето на задачите.
Претседателката на ОО Црвен крст, Демир Хисар, Даниела Карчевска, ги поздрави присутните и во нејзино лично име и во името на Секретарот на ОО Црвен крст, Демир Хисар упати искрени честитки по повод големиот јубилеј. Карчевска, говореше за актуелната состојба на организацијата, за посветената хуманитарна работа и мисијата водејќи се од основните принципи на движењето на Црвениот крст.
Со срдечени честитки по повод јубилејот, а меѓу другото, посакувајќи уште многу успеси, во своето обраќање градоначалникот Никола Најдовски потенцираше дека, локалната самоуправа секогаш е лојален соработник во поддршката за реализација на сите предвидени активности, а која, исто така, ќе продолжи и во иднина.
– Воспоставената соработка со ОО Црвен крст, Демир Хисар ја зголемува свеста и разбирањето за длабоко хуманите аспекти на Црвениот крст – како организација која е неуморен хуманитарен двигател и која континуирано преку услугата „Помош и нега во домот” дава исклучително огромно достигнување, односно еден чекор плус кон крајната цел – да ниедно човечко битие не остане заборавено, а солидарноста ја трасира преку алтруистичкиот однос и моралната обврска. Денешново признание е од круцијална важност, и затоа, дозволете ми во мое лично име и во името на локалната самоуправа да изразам искрена благодарност до потпретседателката Ристевска, а воедно, од тука да порачам и да ве повикам сите заедно да продолжиме да градиме хуман свет кој е од особено значење за секој поединец, истакна Најдовски.
Во минатото, Општинската организација на Црвениот крст, Демир Хисар на различни нивоа ја воделе сега веќе пензионирани секретари и претседатели кои, всушност, претставуваат значајни фигури во историјата на организацијата. По однос на предизвиците со кои се соочувала организацијата во различните периоди, како и за спроведените хуманитарни иницијативи и програмските заложби за помош на ранливите групи во општеството, зборуваа Љубе Димчевски – поранешен претседател и Иванчо Најденковски – поранешен секретар на Црвен крст, Демир Хисар.