ОПШТИНА ДЕМИР ХИСАР

Пештера Змејова дупка

Над селото Бабино, кај Павлов рид се наоѓа пештерата змејова дупка или пак змејо дупка на демирхисарски.

За оваа пештера се раскажува следнава легенда:

Пред многу векови кај црквичето св. Атанасиј во Доленци, на неговата летна слава, се развило големо оро.

На орото се фатила најубавата девојка, која била од фамилијата Дамјановци од селото Доленци. Таа го повела орото и во еден миг ја подигнал змејот, ја дигнал кон небесните височини. Вечерта змејот ја внел во својот дом, змејовата дупка.

Змејот преку дење спиел, ноќе излегувал и крадел, а влезот го затварал со голем камен. Тој многу ја сакал убавицата од Доленци. Но мајката на девојката не се откажувала од својата ќерка. Многу плачела и жалела и секоја вечер одела до влезот на пештерата да разговара со ќерка си. Една ноќ ја замолила ќерка си да го праша змејот од што се плаши и од што може да умре?

Вечерта кога се вратил змејот, таа љубезно го прашала од што се плаши во животот? Тој со силно смеење гласно одговорил дека од ништо не се плаши.

Љубовната игра продолжила. Занесен, змејот и ја открил најголемата тајна дека може да умре само од солена вода.

По неколку дена мајката на девојката и однела сол. Изморениот змеј вечерта побарал вода. Убавицата му дала солена вода. Змејот, кога почувствувал дека е надмудрен и ја губи силата, ја проколнал девојката која веднаш се скаменила. Змејот ја прегрнал и до неа останал скаменет. И денес тие се скаменети во прегратка внатре во пештерата.

Skip to content