Во петок, на 18-ти јули, на театарската сцена при Домот на културата „Илинден“ во Демир Хисар со почеток во 21 часот, ќе биде прикажана претставата „Синиот портокал“ од Џо Пенхол, во режија на Александар Ивановски, а во изведба на велешкиот театар Јордан Хаџи Константинов-Џинот.

„Синиот портокал“ е македонска праизведба на истоимениот драмски текст на британскиот автор Џо Пенхол кој во своите драми се занимава со современиот социолошки контекст, а ликовите за кои пишува се индивидуи кои бараат себереализција во општеството кое робува на бирократизација и меѓучовечки ривализам.
Станува збор за саркастична комична пиеса, која се осврнува на расата, менталната болест и британскиот живот во 21-виот век. За првпат е поставена во 2000 година во Националниот Театар во Лондон и доживува голем успех освојувајќи ги наградите за најдобра драма на три престижни британски фестивали.
Во центарот на оригиналната пиеса се двајца психијатри кои се обидуваат да се справат со млад шизофрен пациент, афроамериканец кој доаѓа од црнечкото гето, кој во постановката на драмата во Велешкиот театар се вика Ерџан и е ром, кој заглавува во лавиринтот на својата шизофренија, но и во лавиринтот на психијатриската клиника.
Во претставата настапуваат актерите Благојчо Стојанов, Жарко Спасовски и Фаик Мефаилоски. Драматургијата е на Катерина Момева, сценографијата на Филип Коруносвки, а автор на музиката е Сашко Костов.
Влезот за претставата е бесплатен.
Претставата е во рамки на фестивалот – Демир Хисар низ боите и звуците на уметноста -, во организација на Центарот за креативни индустрии – НЕБО и финансиски е поддржана од страна на Министерството за култура и туризам.





