Валавиците се една од најпрепознатливите атракции на селата Вирово и Слоештица, кои се наоѓаат лево од регионалниот пат Битола-Кичево.Направени се на најстрмните места на тековите на планинските реки. Се правеле дрвени корита длабоки најмалку 4 метри, од каде што водата со сета своја сила се насочувала во валавиците за да се создаде воден вител. Самите валавици се изработени од букови греди долги најмалку 2 метра, пречникот на врвот е околу 2 метри, а на дното 20 цм. Во средината на минатиот век постоеле над 80 валавици за фина доработка на ткаените волнени шајаци и јамболии. Денес, неколкуте активни валавици во Вирово служат само за перење волнени производи и ќебиња.
Валањето се правело за ресата од ткаената јамболија да се развласи и да се стегне. Мештаните откако ќе ја истрижеле волната ја переле, ја пределе на фурка, танко за основа и подебело за нишките. Ја ставле на разбој, а претходно требало да се „сној“, сите конци да се дотераат под ред, да се наместат на разбојот. Во ткаењето влакното на јамболијата се засукувало, и лабаво се ткаело, зошто со разбојот не можел да го стегне предивото. Откако сето ова ќе се направело после јамболијата се носела на валавици или по демирхисарски „валајци“. Едно веленце се валало 24 часа, значи едно деноноќие водата ја „тепала“ јамболијата.Водата што тече од буката ја подземала јамболијата и ја вртела.Тоа е всушност валањето, вртењето. Во една валавица се ставале по два до три дифтици, ако тие биле големи, сошиени, тогаш се отшивале, се ваделе полите, се валале и пак се зашивале, со цел валањето да биде поефикасно.Потоа се сушеле, одамна тоа се правело и врз дрва,„драгој“ ги ставале. Како последна постапка се носеле на бојадисување
Валавиците во село Слоештица
Во Слоештица во 19 век, по текот на Бела Река биле поставени валавици и воденици, од најгорниот дел викан Бавчите, па се до под црквата. Кон средината на 20 век, полека се напуштале и сега е останата единствено воденицата на едно семејство до пред петнаесеттина години. Во селото имало триесет валавици, или вирови за валање на јамболии.
Валавиците во село Вирово Се претпоставува дека валавиците во село Вирово датираат од времето кога првпат почнало да се ткае во овој крај, а тоа значи дека имаат многу долга традиција. Во селото до пред 30-40 години работеле околу 80 валавици, кои биле познати и на пошироките балкански простори, а населението од работата живеело доста богато. Денес кога селата во земјава се испразнија, нивниот број се сведе само на три и тоа една за валање шајак, која веќе не работи, и двете други валавици, кои денес служат за перење ќебиња, јамболлии…, но не и за валање волнени производи, бидејќи никој повеќе не ткае и не произведува вакви изработки. За потребите на валавиците отсекогаш се користела водата од планината Бигла, на која потоа се правеле дрвени корита со височина од најмалку 4 метри, од каде што таа со сета сила се насочувала кон валавицата каде што се создавал воден вител. Како и порано така и денес валавиците се изработуваат од букови штици долги најмалку 2 метра на врвот зашилени, да можат да се забијат во земјата и на тоа место остануваат барем 5 години или додека не изгнијат.