Информација за организирање на туристички тури!
Можност за организирање на туристички тури: –Јавното претпријатие ДЕХИ ТРАНС Демир Хисар располага со 4 минибуси и едно патничко моторно возило. Адреса: ЈП ДЕХИ ТРАНС Демир Хисар, ул.Битолска бр. 8 7240 Демир Хисар (општинска зграда) Работно време: секој работен ден од 8 до 16 часот (или по потреба и договор). Контакт: Александар Чорбевски, тел.: +389 (0)78 276 680, email: jpdehitrans@gmail.com -Информации во врска со планинарските патеки и тури може да добиете од Планинарското друштво Бигла-Демир Хисар. Контакт: Александар Здравевски 078 582 405. -Информации во врска со велосипедските патеки и тури може да добиете од Васко Пупунчевски 078 579 679. |
Можев да ти бидам широко пладне, искра што прска од Кумовата слама, запален темјан, темна темјанушка, дршка на огнот, на неговата иднина; можев да ти бидам неизодлив припек, преживање на ниска омарнина; знаме што никој не го испушта; можев да ти бидам, мој железен крају, руда под длабока рудина. | Можев да ти бидам снежна шлаканица, загубена потковица од одминат дожд, стреа во цутење, излеано зеленило; можев да ти бидам празнично шамивче, летна бура што напаѓа од зад тебе, ракатка пченица што трепери в рака; можев да ти бидам, мој железен крају усвитено железо легнато на наковална. | Можев да ти бидам одградена градина, град што паѓа, врзан опакураце дење заборавена од мачни разденувања; можев да ти бидам лажица блага вода, искачен чад од очите на ќумурџијата, топило конопно или челична топилница; можев да ти бидам, мој железен крају крајче од кравајче во сиромашни раце. | Можев да ти бидам отворена корица, компас за твоите загубени векови, јато што ти го затскрива пејзажот, можев да ти бидам твоја подбишега, осветничка секира, сослушана несреќа, сенка што не го напушта патникот, можев да ти бидам, мој железен крају, прв твој делник, твој понеделник. |
Можев да ти бидам вечерашен поглед, невдишен воздух, наглува година, вар и јаглен што се гаснат оддалеку; можев да ти бидам урнато гнездо, потпишано утро, потплашена пролет, испуштен ветер од планина, од кочина, скината бразда, изгребана месечина; можев да ти бидам, мој железен крају, свирнато свирче, штрекната ножица. | Можев да ти бидам замрзната валавица прошетка низ детско плачење, угасната ѕвезда над обрана нива, можев да ти бидам месечна вежба на тапанот што ги собира скараните села, кренато оружје, вработено орудие; можев да ти бидам, мој железен крају, здраво-живо во ведра недела. | Можев да ти бидам твое востание, брсјачки инает, кошница рассрдено улиште, копче што се зашива на даровна кошула купенден на коњот за јавање, за спрегање, кандило што ти свети дури вечераш, дури калапиш тутун, дури си постилаш; можев да ти бидам, мој железен крају, чкрапнато сонце никаде што не заоѓа. | Можев да ти бидам водна терезија, колар и скршено колце на одење, написмено од позната насмевка; можев да ти бидам позајмен оган леска над Лесково, смил за Смилево, цер и базер пред Церово и Базерник, бреза сред Брезово, боен вик зад Боишта; можев да ти бидам, мој железен крају, и сложен пат за Слојштица. |
Можев да ти бидам се и сешто, но еве што стана со тебе, со мене; ти да ме прозиваш, стоејќи ми наблиску, а јас да те сакам и фалам оддалеку. |
Име:
Демир Хисар претставува посебна регионално географска област, која низ историските извори се означува со повеќе имиња како на пример
„Сидерон Кастрон“ во римскиот период што значи „Железна тврдина“, потоа за време на средновековното македонско Самуилово Царство била позната под името „Железник“ (поради богатството со железна руда која била експлоатирана во областа).
Денешното име Демир Хисар потекнува од зборовите на турскиот јазик „Демир“ – железо и „Хисар“ – тврдина, што во превод значи „Железна тврдина“, а во некои извори се преведува и како „Железен рид“
Географска положба:
Граници:
Големина:
Областа Демир Хисар со планината Бигла е одделена од Преспанската Котлина, а со Плакенска и Илинска Планина од Охридската Котлина, односно од областа Дебарца, а со Бушева Планина и Древеник од Пелагонија. Во наведените граници целиот овој простор зафаќа површина од 620,3 km2 што претставува само 2,4 % од вкупната територија на Р. Македонија. Оваа географска целина административно е поделена на три општини. Најголемиот дел припаѓа на општината Демир Хисар, додека многу помали делови припаѓаат на општините Кичево и Крушево. Општината Демир Хисар зафаќа површина од 473 km2 а во неа според последниот попис од 2021 година живеат 7260 жители, во 2526 домаќинста и 6583 станови. Според административната поделба од 1996 до 2004 година, територијата на денешната Општина Демир Хисар припаѓала на две општини и тоа на Општина Сопотница со седиште на општината во с.Сопотница и Општина Демир Хисар со седиште во Демир Хисар (порано познато, како населено место под името Мургашево). Денешната Општина Демир Хисар се граничи со 7 општини и тоа на исток со Општина Крушево, на запад со Општина Охрид и Општина Дебрца, на север со Општина Кичево, на југ со Општина Битола, на југоисток со Општина Могила и на југозапад со Општина Ресен. |
Комуникации:
Територијата на Општината Демир Хисар сообраќајно е поврзана со регионалниот пат Битола-Кичево (кој поминува низ општинскиот центар Демир Хисар), а од него се издвојуваат регионалниот пат за Крушево и регионалниот пат (по долината на Црна Река) за Прилеп. Постојат и неколку патишта со локално значење кон населените места Смилево, Вирово, Кочишта, Цер и други. Од правец на Прилеп, кон Бучин и Сопотница се протега и железничка пруга која во моментот не е во употреба. Според тоа се констатира дека Демир Хисар претставува транзитна територија меѓу Битола, Кичево и Крушево. |
Туристичка положба:
Територијата на Демир Хисар во контекст на туристичките центри во Р.С. Македонија е релативно поволна. Туристичката положба на Демир Хисар е најсоодветна во однос на градот Битола, како регионален центар, кој е на околу 30 km оддалеченост и Крушево на околу 25 km (како поразвиен туристички центар во непосредна близина). Во туристичката положба на Демир Хисар имаат влијание и Охридско-преспанскиот туристички регион, кој заради релативно малата оддалеченост (до околу 100 km) има позитивни влијанија врз туристичките аспекти во областа Демир Хисар. Своевидно влијание има и државниот центар Скопје, кој има тесна поврзаност со емиграцијата на населението и административно функционалните аспекти. |