.По повод 119 годишнината од смртта на визионерот, учител, идеолог и македонски револуционер, Гоце Делчев, општинска делегација предводена од градоначалникот Никола Најдовски и делегација предводена од ООУ „Гоце Делчев“, положија цвеќе и се поклонија пред споменикот на Гоце Делчев во дворот на училиштето, а каде што и на традиционален и свечен начин се одбележа и патрониот празник на најголемото општинско основно училиште.
Официјалниот дел од свечената програмска церемонија започна со натпревар во мал фудбал помеѓу екипа составена од ученици од ООУ „Гоце Делчев“, Демир Хисар и екипа составена од ученици од подрачните училишта во склоп на училиштето кои се наоѓаат во населените места на територијата на општината, кој се одигра на отворен спортски терен.
Свечената централна манифестација се одржа во спортската сала во училиштето, со богата свечена приредба и богата културно – уметничка програма, како и рецитал и драмска презентација подготвена од страна на учениците и нивните наставници.
Директорката на ООУ „Гоце Делчев“, Валентина Димоска, во своето поздравно и воведно обраќање им го честиташе патрониот празник на сите наставници и ученици и, воедно, упати голема благодарност до градоначалникот Најдовски што, со неговото присуство ги удостои да биде дел од овој голем значаен ден за нивното училиште.
– Чест и задоволство ми е што имам прилика денес да говорам во оваа посебна свечена пригода пред сите вас и да го честитам нашиот патрон празник на училиштето со искрени пожелби да постигнеме сите заеднички повисоки и достојни резултати и да придонесеме за подобро утре на нашите ученици, за како и досега, да продолжиме да се гордееме со нив и во иднина. Имаме етаблирано многу успешна и одлична соработка со локалната самоуправа и градоначалникот Најдовски и максимално и посветено сме вклучени во активностите во сите сегменти што водат до напредок и континуиран развој на училиштето, рече директорката.
Димоска, срдечно им се заблагодари и на сите професори и ученици за нивниот вложен труд, што се вклучија во организирањето и учествуваат во активностите по повод патрониот празник.
Градоначалникот Најдовски им го честита патрониот празник на учениците и на сите вработени во ООУ „Гоце Делчев“ ѝ им посака уште многу успеси, поголеми и позначајни резултати.
– Да бидам искрен, особено сум среќен и чувствувам лична сатисфакција бидејќи сум дел од вас како ваш колега, а голема е честа и привилегијата да се говори на ваков настан – одбележување на патрон празник на нашето најголемо општинско основно училиште. Посветено и интензивно работиме на крупни проекти, капитални инвестиции за подобрување на инфраструктурата во образованието, а сè со цел да создадеме најквалитетни услови за едукација на нашите најмлади сограѓани и да обезбедиме современи услови за работа, со што и есенцијално ќе придонесеме за изградба на едно прогресивно општество.
Има многу да се зборува за нашиот најголем македонски великан, и затоа, со огромна почит и пиетет, денес, чествуваме 119 години од смртта на големиот македонски национален херој, деец на Македонската револуционерна организација, апостол и срцето на револуционерна Македонија. Ликот и делото на големиот македонски револуционер oстанува врежано во колективната меморија на македонскиот народ и Република Македонија, а наша задача и обврзувачка должност е вечно да го негуваме и чуваме неговото дело. Да се биде учител, наставник, професор, воспитувач е најубавата, но и најодговорна професија. Ви го честитам патрониот празник и ви посакувам високи резултати во спроведувањето на најблагодарната мисија на човештвото – воспитание и образование на младите, истакна градоначалникот Најдовски.