Search
Close this search box.

ОПШТИНА ДЕМИР ХИСАР

Црква Свети Јован Богослов Слепче

Свети Јован Богослов Слепче
Свети Јован Богослов Слепче

На околу 200 m над Слепчанскиот манастир, во 1617 г. била подигната црквата посветена на Свети Јован Богослов, денес меѓу народот позната како црква „Св. Никола“. Претставува еднокорабна градба со скромни димензии и живопис, настанат десет години по нејзиното градење, односно во 1627 година. Зографот е непознат, но се претпоставува дека бил еден од монасите од слепченскиот манастир кои се занимавале со иконопис и живопис. Во внатрешноста на црквата се забележува дрвен иконопис на кој е поставен големиот крст со претстава на распнат Исус Христос, крст за кој науката претпоставува дека потекнува од XVI век.

По својата уметничка вредност, од оваа црква можат да се издвојат насликаните композиции „Деизис“ „Успение Богородично“, „Свети Лука го слика ликот на света Богородица со Христа“, како и иконата на Св. Богородица Троерачица од 1627 г.

Прогласена е за културно наследство на Македонија. Црквата е изградена во XVII век, сместена недалеку над Слепченскиот манастир. Меѓу народот е позната и како Св. Никола. Ова е мала еднокорабна градба покриена со полукружен свод. На исток има петстрана апсида. На северната и јужната страна одвнатре има потпорни пиластри кои образуваат полукружни ниши. Ѕидаријата е од кршен камен, а фасадите се фугирани. Покривот е направен со турски (ѓупски) ќерамиди, а оној на апсидата е од камени плочки. Подот е под нивото на теренот и е цементиран. Над западниот влез има засводена полукружна ниша со претстава на Јован Богослов, а во најзиниот долен дел стои натпис со годината 1627, што веројатно се однесува на живописувањето, а спомнат е и монахот Герасим. Фреските веројатно се дело на мајстори од Линотопската школа. Од сцените се издвојуваат композициите „Дејсис“ „Успение Богородично“, „Свети Лука го слика ликот на Пресвета Богородица со Христос“, како и иконата „Богородица Трирачица“ од 1627 г. Иконостасот е дрвен, а големиот крст веројатно е од XVI век.

Skip to content