ОПШТИНА ДЕМИР ХИСАР

Природни богатства

Природни ресурси

Истражувањето на природната средина и проучувањето на нејзините карактеристики овозможува поставување на рамка за рационална експлоатација на природните ресурси, распоред на производни сили, избор на општа развојна стратегија, оптимизација на сите функции и просторни системи, заштита и унапредување на животната средина.

Био-географски карактеристики

Растителниот свет, посебно шумската вегетација во општината Демир Хисар зазема големи површини и се одликува со релативна сочуваност. Природните услови и карактеристики условуваат појава на два вегетациски појаса, дабов и буков.

Во дабовиот регион се среќаваат неколку типа на шуми, белгаброво-благунова шума, плоскачева шума и горунова шума. Најголеми простори зазема плоскачевата шума и горуновата шума, која што се искачува до најголема височина од 1.200 м. Буковиот појас се надоврзува на дабовиот и претставен е со типовите на подгорска и горска букова шума, а само на многу мали површини се јавува субалпска букова шума (на највисоките предели на планината „Бигла“).

По планинските предели застапени се планинските пасишта, а на поголемите површини, се застапени ридските пасишта и тоа претежно во северните и источните предели на општината.

Земјишен фонд

Општина Демир Хисар располага со вкупна аграрна површина од 42.673 ха, од тоа:

  • земјоделска површина 7.978 ха, или 18,70%,
  • шуми 24.462 ха, или 57,32%,
  • пасишта 10.233 ха или 23,98%.

Во склоп на аграрната површина, почвите се со различна продуктивна вредност, а со тоа и различна категорија на земја.

Алувијалните почви кои се застапени во општината во рамничарскиот дел по течението на реката „Црна“ и „Стара Река“ („Обедничица“) се почви со длабок физиолошки активен слој, поволен механички состав и водено-воздушен режим, како и релативно добри хемиски својства.

Општо земено, алувијалните почви се одликуваат со релативно висока производна вредност.

За зголемувањето на производната способност на овие почви, потреба е да се истакне комплексното решавање на водниот режим на почвите (одводнувањето и наводнувањето) како и примената на адекватни агрохемиски и агротехнички мерки.

Делувијалните почви се исто така застапени во рамничарскиот дел и тоа од двете страни на реката „Стара Река“, од левата страна на реката „Црна“ од с. Бараково до с. Света, потоа по течението на реките „Журечка“ и „Жаба“.

Производните способности на овие почви се пониски што е резултат на топографско-хидрографските услови и физичките својства. Овие почви се слабо обезбедени со вода, содржат значително помалку хумус и хранливи материи и имаат неповолни хемиски и физички својства.

Како главни мерки за зголемување на нивната продуктивна способност се истакнуваат следните: заштита од ерозија, одводнување, наводнување, јумизација, калцификација, ѓубрење и продлабочување на ораниците.

Покрај алувијалните и делувијалните почви, по долината на реката „Црна“ застапени се циметни почви.

Во околината на населбите Големо и Мало Илино и на потегот од Сопотница, преку ридот „Кула“, до општинската граница со Другово, распространети се варовничко-доломитски црници.

Ранкерите ги зафаќаат ридовите на селото Лесково-„Самолски Рид“, „Радикин Рид“, „Старо Бачило“ и врвот „Убава“.

На потегот Боиште-Церово-Вирово застапени се литосоли и еродирани кафеави шумски почви како единствена енклава на овие почви во подрачјето на општината.

Најголем простор заземаат кафеавите шумски почви и тоа на падините на „Бигла“, „Илинска“ и „Плаќенска Планина“, планинските делови на север од реката „Црна“ и дел од ниската планина „Кале“, помеѓу населбите Суводол-Вардино и границата со општина Крушево. Тоа се бескарбонатни почви со слаба киселост и со низок капацитет на апсорпција.

Бонитетот на земјиштето е различен од најквалитетните прва и треат класа во рамничарскиот дел, до најсиромашната шеста класа во ридско-планинскиот дел на Општината. Ова е резултат на влијанието на основните педогенетски фактори и процеси, а особено местоположбата, рељефот и геолошката подлога, врз кои се формирани денешните почви.

 

Флора и фауна

Шумските површини се застапени на постоечките планини во општината. Пред се станува збор за егзистирање на листопадни шуми, како и мешовити шуми. Шумите од благун и бел габер се застапени на 700 м.н.в.

Застапени се и нискостеблени шуми, кои не обезбедуваат можности за нивно стопанисување, туку исклучиво за подобрување на микроклиматот, за регулација на водотеците, како и за естетските, амбиенталните и панорамските содржини на природната средина во целост.

Специфичните климатски услови и геолошката разноличност на подрачјето условуваат појава на хетерогена природна вегетација и диференцирање на вегетациони височински појаси, почнувајќи од најнискиот појас на благун и бел габер преку дабовите шуми до 1200 м.н.в со ридските пасишта, црниот јасен, се‘ до буковите шуми над 1200 м.н.в.

Зачуваните шуми заземаат 75,40 % од вкупните површини под шуми, деградираните 10,00 % и шикарите 14,60 %.  Високостеблестите шуми зазамаат 12,70 %.

Возрасната структура на шумскиот фонд е релативно добра. Дрвната маса на шумите со возраст од 20-30 години учествува со 33,60 %.

На територијата на општина Демир Хисар делува ловно  друштво како организиран начин на егзистирање на ловот. Природните фактори и едафо-еколошките услови на подрачјето придонесуваат за застапеност на најразлични облици на животни форми со бројни видови на птици, цицачи, водоземци и влечуги.

 

На подрачјето на општината најзастапени од перјастиот дивеч се: еребица камењарка, полска еребица, диви гулаби, грлица, гугутка и др. Од грабливците присутни се соколот и орелот.

Влакнестиот дивеч е застапен во повисокиот, т.н. дабов појас и тоа: лисица, зајак, волк, срна, верверица, дива свиња, куна, јазовец и др. Куната „белка“ процентуално е позастапена од куната „златка“ и е многу штетна посебно како уништувач на острелниот дивеч.

На територијата на општината Демир Хисар на потегот помеѓу с.Железнец – граница со општина Другово постои забранет терен за лов.

Рибарството е застапено по „Црна Река“. Меѓу најзастапените видови на риба се кленот, мренката, црвеноперката, а поретко крапот и пастрмката.

Сегашната состојба укажува дека покрај речниот риболов како потенцијал за развој на стопанскиот риболов можат да се користат постоечките акумулации како и посебните рибници.

Минерални ресурси

Според досегашните истражувања, Општина Демир Хисар не располага со значајни количества на минерални суровини. Постојат минерални ресурси кои главно се надвор од синорот на општината. Експлоатација постои единствено на наоѓалишта на калциум – карбонат (варовник). Количината на ископан варовник изнесува 474 т/ден и е константна во изминатите 5 години.

Геотермални извори во Општина Демир Хисар нема, меѓутоа минерални извори има во салата Смилево, Прибилци и Мренога.

Во општината има наоѓалишта на глина која се користи за грнчарско производство, а се користи од населението на општина Кичево. Во село Базерник има утврдени резерви од 300.000,00 тони каолински глини.

Има ископување на мермери, меѓу кои најзастапени се травертинот и каолинот. Утврдени се резерви на мермери од 500.000,00 м3 во селото Радово. За ископување на мермерите дадена е концесија за експлоатација на истите.

Железната руда се ископувала во рудникот „Демир Хисар“ кај Сопотница – Жван, на површина од 2,20 км2, со утврдени резерви од 10.000.000,00 тони. Ова наоѓалиште претставувало средно голем рудник. Додека работел рудникот, годишната експлоатација на ровна руда изнесувала 600.000,00 тони. Рудникот е со површински коп и бил во состав на Рудници и Железарница – Скопје, но не работи повеќе од дваесетина години.

 

 

Водни ресурси

Низ подрачјето на општината поминува горниот тек на реката „Црна“ која минува низ централниот дел на општината и ги прибира сите речни текови, со што ја формира хидрографската мрежа во општината. Реката „Црна“ е со просечен годишен проток од 15,0 м3/сек. и претставува најголем речен потенцијал.

Реките „Жаба“, „Стара Река, „Боишка Река“ и „Журешница“ се со мал просечен протек. Речните текови не се регулирани по целата должина, па затоа на одредени места, доаѓа до изливање во време на поројни врнежи. При максимални води, текот на реката „Црна“ и нејзините притоки се излеваат и поплавуваат земјоделска површина од 370 ха. Најчесто поплавувани површини се подрачјата помеѓу селата Жван и Сопотница како и Граиште и Света.

Подземните води се појавуваат во мошне издашните терени (алувиум) покрај речните текови во рамничарскиот простор. Досега не се испитувани и не постои јасна слика за нивните карактеристики.

На поширокиот регион од Општината се регистрирани повеќе поројни текови, кои создаваат ерозивен нанос. Како резултат на тоа доаѓа до загрозување на наводнувањето, одводнувањето, внесувањето на големи количини на нанос во акумулациите и реките и вршат перење на тлото и губење на плодното земјиште.

Изворите на Црна Река во с, Железнец

Skip to content