ОПШТИНА ДЕМИР ХИСАР

ЈАВЕН ПОВИК ЗА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА ГРАЃАНИТЕ ЗА НАБАВКА НА ВИСОКОЕФИКАСНИ ИНВЕРТЕР КЛИМА-УРЕДИ ЗА 2026 ГОДИНА

Врз основа на Одлуката за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на Општина Демир Хисар за набавка на високоефикасни инвертер клима-уреди, со цел стимулирање на жителите на Општина Демир Хисар за примена на економични, енергетски ефикасни и еколошки прифатливи уреди за затоплување на домовите, Општина Демир Хисар објавува

ЈАВЕН ПОВИК

за субвенционирање на граѓаните за набавка на високоефикасни инвертер клима-уреди за 2026 година

1. Предмет на јавниот повик

Предмет на овој јавен повик е субвенционирање на жителите на Општина Демир Хисар за набавка на високоефикасни инвертер клима-уреди, преку надоместување на дел од трошоците направени за нивната набавка и монтажа.

Вкупниот износ на финансиски средства предвидени за субвенционирање на граѓаните изнесува 350.000,00 денари.

Финансиските средства ќе се доделуваат во висина од 50% од вредноста на набавениот инвертер клима-уред, но не повеќе од 10.000,00 денари по барател.

Персоналниот данок на доход е на товар на Општина Демир Хисар.

Распределбата на финансиските средства и разгледувањето на пристигнатите барања ќе ги врши Комисија формирана од градоначалникот на Општина Демир Хисар.

Јавниот повик ќе трае од 15 октомври до 1 декември 2026 година.

Доколку се исцрпат предвидените финансиски средства од Буџетот на Општина Демир Хисар за оваа намена пред истекот на рокот, Општината ќе ја информира јавноста преку својата официјална веб-страница дека јавниот повик е прекинат.

2. Право на учество на јавниот повик

Право на учество на јавниот повик имаат физички лица со живеалиште на подрачјето на Општина Демир Хисар, кои набавиле високоефикасен инвертер клима-уред за затоплување на својот станбен објект во периодот од денот на објавување на јавниот повик до денот на неговото завршување и кои ќе поднесат барање за надоместување на дел од направените трошоци.

Право на учество на јавниот повик немаат вработените во Општина Демир Хисар и нивните блиски роднини, односно лицата со кои се во брачна заедница, како и роднините по крв во права линија (деца, внуци, родители, баби и дедовци).

3. Услови што треба да ги исполнува барателот

Барателот треба да ги исполнува следните услови:

  • Да има живеалиште на подрачјето на Општина Демир Хисар.
  • Набавениот инвертер клима-уред да е купен и монтиран во периодот од денот на објавување на јавниот повик до денот на неговото завршување и да е инсталиран на адресата на живеење наведена во личната карта на барателот.
  • Станбениот објект да не е во фаза на градба и барателот да живее во него.
  • Само едно лице од едно домаќинство (станбен објект) може да поднесе барање за надоместување на трошоците, исклучиво за набавка на еден уред.

Две или повеќе домаќинства кои живеат во посебни делови од ист станбен објект, кои не се физички поделени, но претставуваат функционални целини, ќе се сметаат за посебни домаќинства доколку имаат засебни броила за електрична енергија и водомери. Во тој случај, носителот на посебното домаќинство може самостојно да поднесе барање, независно од сопственикот на станбениот простор, при што треба да достави последна сметка за електрична енергија или вода на свое име.

  • Да ги има подмирено обврските по основ на данок на имот за станбениот објект во кој е монтиран уредот, заклучно со 2025 година.

Напомена:

Нема да се прифаќаат и субвенционираат фискални сметки и фактури издадени пред денот на објавување на јавниот повик.

Барателот мора да ги исполнува сите наведени услови за неговото барање да биде прифатено. Во спротивно, Комисијата ќе достави предлог до градоначалникот на Општина Демир Хисар за одбивање на барањето.

4. Начин на пријавување и потребна документација

За остварување на правото на надоместување на дел од трошоците за набавка на инвертер клима-уред, барателот до Општина Демир Хисар треба да ја достави следната документација:

  1. Пополнето барање за надоместување на дел од трошоците за набавка на инвертер клима-уред, кое може да се подигне во архивата на Општина Демир Хисар или да се преземе од официјалната веб-страница на Општината.
  2. Фотокопија од важечка лична карта, како доказ за живеалиште на подрачјето на Општина Демир Хисар.
  3. Фотокопија од трансакциската сметка на барателот.
  4. Оригинал и фотокопија од доказ за извршена набавка на инвертер клима-уред и тоа фискална сметка или фактура, заедно со извод од деловна банка како доказ за извршената уплата.
  5. Гарантен лист за клима – уредот.
  6. Слики пред и потоа.

Начин и рок на доставување на барањата

Барањето, заедно со целокупната документација наведена во точка 4 од овој јавен повик, треба да се достави во затворен плик.

На пликот не треба да бидат наведени името и презимето на барателот, ниту други лични ознаки.

Пликот треба да биде адресиран на следниот начин:

„НЕ ОТВОРАЈ“

До Општина Демир Хисар

ул. „Битолска“ бр. 8

Демир Хисар

Предмет: Јавен повик за субвенционирање на граѓаните за набавка на високоефикасни инвертер клима-уреди за 2026 година.

5. Евалуација на пристигнатите барања

Евалуацијата на пристигнатите барања ќе ја врши Комисија формирана од градоначалникот на Општина Демир Хисар.

Комисијата ќе подготви листа на баратели кои во целост ги исполнуваат условите наведени во јавниот повик. Листата ќе содржи име и презиме на барателот, адреса и износот на предложената субвенција.

Листата ќе биде доставена до градоначалникот на Општина Демир Хисар за понатамошно постапување и одобрување на субвенциите.

Врз основа на предлог-листата доставена од Комисијата, градоначалникот на Општина Демир Хисар ќе донесе соодветен акт за одобрување на субвенциите. Информацијата за одобрените субвенции ќе биде објавена на официјалната веб-страница на Општината, во согласност со прописите за заштита на личните податоци. За барањата што не ги исполнуваат условите утврдени со јавниот повик, градоначалникот на Општина Демир Хисар ќе донесе акт за одбивање на барањето. Актот ќе му биде доставен на барателот во писмена форма, на домашната адреса наведена во барањето.

Превземи: Јавен повик

Превземи: Барање – Пријава