ОПШТИНА ДЕМИР ХИСАР

НАЦИОНАЛЕН ФЕСТИВАЛ „ДЕМИР ХИСАР, 2022“

ВЕЛИГДЕНСКА ФОЛКЛОРНА СРЕДБА

Со дефиле низ улиците на Демир Хисар, вчера, отпочна да се реализира програмата од овогодинешната Велигденска фолклорна средба, а централната традиционална манифестација Велигденска фолклорна средба „Демир Хисар, 2022“, се одржа на градскиот плоштад во Демир Хисар, по повод големиот христијански празник, Велигден, во организација и под покровителство на Градоначалникот и Советот на Општина Демир Хисар, на која со културно – уметнички перформанс настапија КУД „Илинден“ од Битола, ФА „Бисери“ од Охрид и КУД „Илинден“ од градот домаќин, Демир Хисар.

Свечената манифестација официјално ја отвори градоначалникот Никола Најдовски, со поздравно и пригодно обраќање пред големиот број на присутни – љубители на фолклорот.

– Ви посакувам топло и срдечно добредојде на сите во нашиот град – домаќин Демир Хисар, кој има големо културно и уметничко наследство и град кој, несебично преку организирање на вакви културни манифестации го негува културниот патриотизам на таа традиција и го негува непроценливото фолклорно богатство и творештво со векови создавано и до ден – денес зачувано на овие простори. Нас, како локална самоуправа и мене лично како градоначалник, ми претставува особена чест и задоволство што, Домот на културата и КУД „Илинден“ од Демир Хисар, се вистински достоен репрезент на македонските обичаи, фолклори и традиции, кои континуирано покажуваат како се слави традицијата и се зачувуваат идентитетот, како и вистинските и трајни вредности на фолклорот, преку македонските песни и ора. Посветено ќе се трудиме и залагаме да овие културни манифестации бидат беспрекорно организирани и безрезервно да обезбедуваме професионална поддршка на општествено ниво и да придонесуваме за одржлив културен развој на општината, истакна Најдовски.

Градоначалникот Најдовски, исто така, упати и честитка до сите православни верници по повод празникот Велигден, со искрени пожелби за добро здравје, љубов, среќа, духовен мир и меѓусебно разбирање.

Демир Хисар отсекогаш бил лулка на историски но, и на културни вредности и истиот бил домаќин на голем број манифестации кои ги промовираат тие вредности. Фолклорот и песната се жив доказ за неисцрпниот креативен дух на нашиот народ. А, тоа, најдобро се покажа преку културната програма приредена од талентираните играорци придружувани од оркестарите на друштвата и вокални извонредни изведувачи, кои несомнено ја одушевија многубројната публика.

Skip to content