ОПШТИНА ДЕМИР ХИСАР

Оглас за пројавување на интерес

Општина Демир Хисар согласно Законот за локална самоуправа, член 22, став 3 и став 5  (Сл.весник на Република Северна Македонија бр.5 од 29 јануари, 2002 година) и Одлука бр.17-944/11 од 27.07.2022 Општина Демир Хисар објавува:

.

ОГЛАС ЗА ПРОЈАВУВАЊЕ ИНТЕРЕС

За користење и управување со Мултифункционалниот Центар во с.Слоештица 

1. Општи информации

Со цел поттикнување на развојот на руралниот туризам и зачувување на културно-историските вредности на Демир Хисар а во насока на остварување на своите надлежности како и целите на Проектот „Откривање на скриените атракции“ финансиран од ЕУ во рамките на ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, Бр.на Договор  2019/411-175, Општина Демир Хисар ги повикува граѓанските здруженија кои работат во областа на развој на руралниот туризам и/или во областа на зачувување и унапредување на културните, природните и историските вредности да поднесат Пријава за пројавување на интерес за користење и управување со Мултифункционалниот Центар во с.Слоештица. Поднесените пријави ќе ги разгледа Комисијата за општествени дејности по чијашто предлог конечна Одлука ќе донесе Советот на Општина Демир Хисар. 

2. Предмет на огласот

Предмет на овој Оглас е давањето на користење и управување на објектот Задружен Дом, КП 1416/1, КО Слоештица. Согласно целите на проектот „Откривање на скриените атракции“ финансиран од ЕУ во рамките на ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, Бр.на Договор  2019/411-175, објектот е комплетно реновиран и сега претставува Мултифункционалниот Центар во чии рамки влегуваат: сувенирница, отворена летна сцена, Спомен Соба на Петре М. Андреевски, 5 соби за сместување, заеднички тоалети и заеднички простории (чајна кујна и лоби). Просторијата наменета за локална продавница НЕ Е ПРЕДМЕТ на овој оглас.

3. Цели на користењето и управувањето со Мултифункционалниот Центар

Целите кои треба да се постигнат со користењето и управувањето на Мултифункционалниот Центар се: унапредување на условите за развој на руралниот туризам во демирхисарско преку промоција на природните и културните убавини на регионот; организација на туристички, културни и едукативни настани; организирање манифестации, настани, фестивали и активно вклучување на населението од руралните и помалите средини во развојот на општината; придонес кон развојот на дестинацијата преку креирање и промоција на атрактивни содржини за домашни и странски посетитиели; организирање на обуки, кампови и советувања од областа на уметноста, културата, спортот, претприемништвото  и туризмот; соработка со други граѓански здруженија со слични цели;

4. Период на користење и управувањето со Мултифункционалниот Центар

Периодот за кој се однесува користењето и управувањето со Мултифункционалниот Центар е 7(седум) години.

5. Право на пријавување

Право на пријавување на овој Оглас имаат здруженија на граѓани и Фондации регистрирани во Република Северна Македонија кои работат во областа на развој на руралниот туризам и/или во областа на зачувување и унапредување на културните, природните и историските вредности.

6. Потребни документи

-Пријава;

-Решение од Централен регистер;

-Статут;

-Програма за работа на здружението, а во насока на остварување на целите на користењето и управувањето со Мултифункционалниот Центар.

Документите да се испратат електронски на следната официјална електронска пошта на општина Демир Хисар: demirhisar@demirhisar.gov.mk,

или во хартиена верзија на адреса:

До Општина Демир Хисар

ул.Битолска бб

7240 Демир Хисар

до Комисијата за општествени дејности  не подоцна од 10 (десет) денови од денот на објавувањето на овој Оглас, заклучно со 08.08.2022 година до 16 часот.

Мултифункционалниот Центар може да се погледне по претходна најва на следниот телефонски број: 047-552-661.

За дополнителни информации обратете се на Злате Бошевски на следниот телефонски број: 070-703-535.

Превземи Пријава.

Демир Хисар                                               Општина Демир Хисар

29.07.2022 год.                                             Градоначалник, 

                                                                        Никола Најдовски

Skip to content