Search
Close this search box.

ОПШТИНА ДЕМИР ХИСАР

Железнец со изворите на Црна Река

Селото е познато по изворите на Црна Река, а воедно од 2004 година претставува заштитен споменик на културата, поради препознатливата архитектура присутна во селото. Се наоѓа во северозападниот дел на Општина Демир Хисар, сместено во непосредна близина на изворот на Црна Река.

Во атарот на самото село се наоѓаат изворите на Црна Река. Најголемиот извор е врелото Црна Дупка што се наоѓа над селото Железнец, додека во месноста Горно Маало има уште два извори, иако со помала издашност, никогаш не пресушиле.

Железнец е сместено во клисура на самиот регионален пат Битола-Кичево.

Околни села: Големо Илино од запад, Велмевци од север, Брезово од исток, Доленци од југоисток и Мало Илино и Бабино од југозапад и југ.

Наоѓалиштето Железник е сместено високо над селото. Потекнува од античкиот период, а во историските извори се јавува под три имиња: Градиште, Сидеро Кастрон и Железник. Во римскиот период овој град бил забележан како Сидеро Кастрон, а во средновековието како Железник, под кои име постоел сè до XIV век, кога бил „избришан“ од географската карта. Денешните остатоци од градот го исцртуваат главниот дел, во елипсоидна форма, со димензии север-југ околу 300 м. и исток-запад 55-70 м. Градот бил природно заштитен од јужниот и југозападниот дел со стрмните падини високи над 8 м. Бедемот од источната страна сè уште може да се следи во целина. Влезната капија сè уште се забележува. На север, каде се соединуваат источниот и западниот бедем се наоѓаат остатоци од заштитната кула. На тврдината се забележуваат и остатоци од црква, бунар и камена рачна мелница.

Skip to content