Општина Демир Хисар веќе години наназад го потврдува приматот меѓу институциите во Македонија, посебно меѓу општините, во областа на акивната транспарентност. По објавениот Индекс на активна транспарентност за 2025 година, изготвен од Центарот за граѓански комуникации, aктивната транспарентност на Општина Демир Хисар во 2025 година изнесува високи 97,1 % (од можни 100 %) со што општината се наоѓа во групата институции со ’многу добра‘ активна транспарентност (исполнување на обврските од 80 % до 100 %). Со овие бодови, општината ја дели високата 7-ма позиција од вкупно 102 рангирани институции. Општина Демир Хисар како дел од Пелагонискиот регион, петта година по ред има транспарентност над 90 проценти

Под активна транспарентност се подразбира објавувањето информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации. Постои и законска основа за проактивно објавување информации, која се наоѓа, пред сè, во Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, но и во низа други закони, како што се Законот за локалната самоуправа, Законот за буџетите, Законот за јавен долг, Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа и др. Освен од регулативата, активната транспарентност произлегува и од добрата практика, а институциите имаат обврски за проактивно објавување информации и од акциските планови во рамките на иницијативата за Партнерство за отворена власт.




