Денес, по повод 119. годишнината од загинувањето на демирхисарскиот војвода, Јордан Силјанов – Пиперката, општинска делегација предводена од градоначалникот Никола Најдовски, оддаде почит со полагање цвеќе во месноста Черешна, с. Велмевци, каде што се погребани посмртните останки на Јордан Пиперката и уште тројца негови соборци и спомен обележјето кој се наоѓа во дворот на ООУ „Браќа Миладиновци“, с. Жван.
Демирхисарскиот крај е познат по своето богато и победоносно минато, но, исто така, и по големи историски настани кои се слават и се значајни за Македонија.
– Достојно и, со должна почит и длабок пиетет, ја одбележуваме годишнината од смртта на Јордан Пиперката, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на Македонската револуционерна организација, кој бил запаметен од народот за кој се борел и го жртвувал својот живот. Му оддаваме почит на демирхисарскиот славен војвода за неговиот херојски подвиг, и се поклонуваме на неговата голема жртва за национална кауза. Вечна му слава!, истакна градоначалникот Најдовски на денешното чествување.