Search
Close this search box.

ОПШТИНА ДЕМИР ХИСАР

30 ГОДИНИ АРМ – 30 ГОДИНИ ОД ПРВИТЕ ВОЈНИЦИ ВО АРМ ОД ДЕМИР ХИСАР

Општинскиот одбор на Сојузот на борци и продолжувачи на делото, а во соработка со Општина Демир Хисар и Организацијата на резервни офицери, организираа свечена академија ѝ им доделија признанија за храброст и одлучност на војниците од Првата априлска класа, по повод 17. април, 1992 година.

На свечената церемонија која се одржа во петокот на 15. април, 2022 год., во конференциската сала СОУ „Крсте Петков Мисирков“, пригодно обраќање имаше заменик-градоначалничката на Општина Демир Хисар, Сандра Пејковска.

Пејковска, од нејзино лично име, од име на градоначалникот Најдовски и од име на локалната самоуправа им честита на сите учесници – регрути во Првата априлска класа во АРМ од Демир Хисар за покажаната храброст и одлучност, како и за предизвикот и неизвесноста со кој се соочувале во тие бурни и тензични времиња на Балканот.

– Ви честитам на сите за отслужување на воениот рок и сакам во оваа прилика да ја поздравам вашата пожртвуваност и љубов кон татковината, бидејќи вие сте тие – првата генерација, која со патриотизам и без страв бевте ангажирани во воениот рок во независна Република Македонија.

Претседателот на ОО Сојузот на борците од Демир Хисар, проф. д-р. Менде Солунчевски, имаше обемно излагање каде што конкретно се осврна да говори за формирањето на АРМ и процесот на регрутирање и упат на војници во Армијата, а како што нагласи Солунчевски, во тој период, неговата работна позиција била референт за воведување на воена евиденција.

На крајот од свечениот дел, присутните имаа можност да споделат некои искуства или незаборавно доживување додека биле на чесно отслужување на долгот кон државата и народот како прва генерација во АРМ.

Skip to content