Денес, по повод 148 годишнината од раѓањето на македонскиот филолог и кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис, Крсте Петков Мисирков, општинска делегација предводена од градоначалникот Никола Најдовски, делегација од СОУ „Крсте Петков Мисирков“ предводена од директорката на училиштето, Јасмина Дамчевска, положија цвеќе на спомен плочата на основоположникот на современиот литературен јазик, историчар, етнограф и публицист, Крсте Петков Мисирков, која се наоѓа во дворот на училиштето.
Согласно утврдена протоколарна агенда за одбележување на празникот од страна на училиштето, официјалниот дел од свечената церемонија започна со воведно обраќање на директорката Дамчевска која ги поздрави сите присутни, особено го поздрави градоначалникот Најдовски, а во знак на етаблирана успешна соработка му врачи пригоден поклон и се заблагодари за несебичната поддршка околу програмските активности кои се беспрекорно реализирани.
Во холот на училиштето кој е наменет за презентации, беа доделени дипломи и пофалници на најдобрите ученици, наградени за литературни творби, а исто така, и пофалници на ученици-учесници во спортски училишни натпревари, кои се одржаа во рамки на одбележувањето на патрониот изминативе денови. Последователно на тоа, учениците се претставија преку извонреден културно – уметнички перформанс подготвен во корелација со нивните професори, етно презентација и изведба на песни од нашето фолклорно наследство.