web: https://www.manastirslepche.mk/
ЛОКАЦИЈА
Манастирот Слепче со црквата посветена на Св. Јован Претеча се наоѓа на околу 3 километри западно над селото Слепче (фотографијата е од 1919).
Завиткан во столетна дабова шума, „Св. Јован Претеча“ е еден од најголемите и добро сочувани манастирски комплекси. Манастирскиот комплекс со црквата се подигнати на падините на планината„ Илиница“ („Бигла Планина“).
Слепченскиот манастир посветен на Светиот Јован Претеча е духовно жариште кое изнедрило мноштво монаси – духоносци кои неуморно работеле на нивата Господова принесувајќи стократни плодови од кои до ден денес се ползуваат гладните за Словото Божјо. За долгиот и активен монашки живот ни сведочат зачуваните Слепченски Поменици кои по нивниот број ги надминуваат големите Балкански манастири. Слепченскиот манастир бил ставропигијален манастир на Охридската архиепископија и претставувал најзначајно и највлијателно црковно и манастирско средиште на Охридската Архиепископија, каде што биле подготвувани кадри, мисионери и бројни јеромонаси коишто биле испраќани по целата диецеза на Охридската Архиепископија, особено за време на охридските архиепископи Прохор (1525 – 1550 г.) и Никанор кои пружиле и овозможувале силна поддршка на активната духовно просветителска дејност на монасите.
Триптих поменик од манастирот 40-те години на 16 век
КУЛТУРНО-ПРОСВЕТНА ДЕЈНОСТ
Манастирот бил културно – просветен центар каде што се подготвувале свештеници и учители на словено – македонски јазик. Историјата го памети манастирот и како центар во кој постоела уметничка резбарска школа,
Се развила препишувачка школа, се препишувале богослужбени книги на црковно-словенски јазик. Јеромонахот Пахомије го препишал минејот за месец јуни во 1547 година, а истата година јеромонахот Висарион од дебарско, вршел препис на “Поученијата на Кирил Јерусалимски” на македонско-словенски јазик. Препишувањето продолжило и во 1546, 1549 и 1553 година.
ФРЕСКОЖИВОПИСОТ
Од сочуваните стари уметнички предмети, со својата вредност посебно се важни “Големиот крст со распнатиот Христос” од XVI век, “Царските двери” и певниците изработени во копаница. Посебно се вредни двете врати, изработени во плитка резба со фикури и мотив плетенка. Тие се наоѓаат во Уметничката галерија во Скопје.
КОНАЦИТЕ
На источната и западната страна од манастирската црква се наоѓаат старите конаци кои неодамна се целосно реконструирани и обновени во изворен автентичен и оригинален изглед и форма. Дрвените конструкции се изработени од дабово дрво од богатиот манастирски шумски фонд.
Манастирот располага со голем земјишен фонд и развиена манастирска економија. Неговото природно опкружување е богато со манастирска дабова и букова шума и разновидни ендемични растителни видови, како со и ливади кои нудат одлични услови за рекреација, пешачење во природа, лов, собирање на шумски плодови и планинарење.
ЛОКАЦИЈА
Манастирскиот комплекс и црквата Св. Атанасиј Александриски се наоѓаат во североисточниот дел на територијата на Општината Демир Хисар, чиј што атар нашироко се дипира со територијата на Општината Крушево, на северозападното возвишение на селото Журче. Селото Журче, од општинскиот центар Демир Хисар е оддалечено 10 километри. Селото е лоцирано веднаш на десната страна од регионалниот пат Демир Хисар – Крушево. До Манастирот води нов современ асфалтен пат. Комплексот е подигнат на падините на планинскиот масив.
ИСТОРИЈА
Првата манастирска црква е подигната во 1122 година. Овој податок e публикуван во генеалошкиот труд на Борис Дамевски Журче-деветстотони години словенска населба, a е потврден во 1935 година кога манастирскиот старешина во Белград вадел тапија за шумата што му припаѓа.
КУЛТУРНО-ПРОСВЕТНА ДЕЈНОСТ
Во конаците на манастирот постоела и работела библиотека во која што свештениците пишувале, преведувале и создавале богослужбени дела. Библиотеката едновремено била и училиште каде што учеле ученици од селото Журче и околните села. Од некогашната библиотека, во манастирот се сочувани мал број ракописи и книги. Меѓу најстарите се Апостолски чтанија издадена во Цариград во 1870 година и Минеј за месец октомври, издадена во Киев во 1891 година.
ФРЕСКОЖИВОПИС
Овој манастир има отворен живописан трем што многу ретко може да се види во другите манастири од овој период. Според текстот напишан во тремот, се гледа дека тој е зоографисан во 1622 година. На него се поставени ликовите на словенските светители Јован Рилски и Јаким Осоговски, како и илустрациите на календарските месеци со прикази на најкарактеристичните дејства во секој од месеците.
ЛОКАЦИЈА
Топличкиот манастир со црквата посветена на Св. Никола се наоѓа во подножјето на „Плакенска Планина“, односно помеѓу селата Жван, Бабино и Слоештица, во месноста „Топлица“. Топонимот „Топлица“ оваа месност го добила заради карактеристичната географска местоположба. Местото е оградено од сите страни со планини и густа шума и е заштитено од ветрови и студови. Зимите биле благи и топли.
ИСТОРИЈА
Се претпоставува, дека првобитната црква на Топличкиот манастир била подигната во XIV век. Првата црква била градена од камен и кал, а зачуван е само еден ѕид и влезот на црквата од западната страна, како и дел од камени плочи што се поставени на подот од средишниот дел на црквата.
КУЛТУРНО-ПРОСВЕТНА ДЕЈНОСТ
Манастирот бил не само религиозен, ами и културно-просвете и книжевен центар. Низ вековите во овој манастир се одвивала плодна книжевна дејност, препишувачка, преведувачка и оригинална книжевна дејност. Свои записи оставил само книжевникот Макарија Топлички. За жал, за себе тој не оставил никакви позначајни податоци.
ФРЕСКОЖИВОПИС
Живописот во основниот дел го изработил зографот Јован во 1536/37 година. Во олтарната апсида е насликана композицијата „Служба на архиереите“, фрагментарано зачувана сцена од „Христовите исцелувања“ и „Визија на Св. Петар Александриски“.
КОНАЦИТЕ
По примерот на најзначајните средновековни духовни светилишта, манастирскиот киомплекс на „Топличкиот Манастир“ имал конаци. Во него биле сместени библиотеката и учиштето. Меѓутоа заради повеќевековното отсуство на човечка грижа, тие се распаднале, срушиле и денеска не постојат.
На околу 200 метри над Слепчанскиот манастир, во 1617 година била подигната црква посветена на Свети Јован Богослов, денес меѓу народот позната како црква „Св. Никола“.
Таа претставува еднокорабна градба со скромни димензии и живопис, настанат десет години по нејзиното градење, односно во 1627 година. Зографот е непознат, но се претпоставува дека бил еден од монасите од слепченскиот манастир кои се занимавале со иконопис и живопис. Во внатрешноста на црквата се забележува дрвен иконопис на кој е поставен големиот крст со претстава на распнат Исус Христос, крст за кој науката претпоставува дека потекнува од XVI век.
По својата уметничка вредност, од оваа црква можат да се издвојат насликаните композиции „Деизис“ „Успение Богородично“, „Свети Лука го слика ликот на света Богородица со Христа“, како и иконата од 1627 година на која е претставена Св. Богородица Троерачица.
Манастирот “Св. Тома” е во манастирите од локален карактер. Тој бил разрушен во XVIII век, а возобновен во 2002 година. Подигнат е на старите темели, со основа во форма на четирилисна детелина. Самата градба зборува дека спаѓа меѓу најстарите манастирски цркви во Демирхисарско и Македонија. Ваква градба е вистинска реткост. Од неговиот двор како на дланка се гледаат демирхисарските села и полето. Благодарение на еден запис на фрагмент од службен минеј за месец септември од XVI век, се открива книжевната дејност во овој манастир. Книжевникот Спиридон учел, живеел и творел во манастирот кон крајот на XVI и почетокот на XVII век, во манастирската библиотека, која била сместена во една просторија од конаците кои го опкружувале манастирот.
На воздушна линија од само околу еден километер од Смилево, или десетина километри неасфалтиран пат, североисточно од селото, во смилевската корија, опкружен со столетна шума и во препознатлив песнопоен амбиент, се наоѓа манастирот “Свети Петар и Павле”.
Се претпоставува дека е стар повеќе од 150 години и се вбројува во нашите најпознати културно-историски споменици. Меѓутоа заради отсуството и негрижата, старата манастирска црква подолго време била препуштена на забот на времето и од неа останале само руини.
Според сеќавањата на постарите смилевци, во манастирот, целиот свој живот го поминал Егуменот Петре чија што предсмртна желба била, на ова место да се изгради нова манастирска црква. Со божја помош, уште во 80-те години од минатиот век, во манастирскиот комплекс, вредните смилевски неимари ја започнаа изградбата на конаците, како и возобновувањето на манастирската црква, со што е исполнета исконската желба на смилевци, но и аманетот на егуменот Петар.
Манастирот “Свети Петар” е составен дел од историското минато на Смилево, но и составен и неразделен дел од смилевското катадневие и роднокрајните смилевци кои останале во селото, но и на оние кои поради разни причини го напуштиле и се преселиле во градовите или во други земји.
Во близина на селото Жван, покрај патот Битола – Кичево, е црквата посветена на Свети Димитрија, меѓу народот позната како „латинска црква“.
Црквата е изградена и живописана 1624 година. Архитектонски претставува еднокорабна засводена градба со мали димензии. Внатрешноста крие траги од живопис работен од непознат, но особено талентиран зограф кој умеел да ги обликува формите, при тоа обојувајќи ги со успешни комбинации од неколку основни бои.